Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска оствари средба со амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада, со која разговарале за имплементацијата на тековните проекти кои се реализираат со поддршка на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ), како и за идните планови за унапредувањето на соработката.
– Амбасадорката Сутер Техада посочи дека Швајцарија останува силен поддржувач на Северна Македонија за имплементација на потребните реформи за евро-интеграциските процеси, тоа е најдобриот пат кој ќе овозможи побрз и одржлив економски развој на земјата. Таа информираше дека во подготовка е новата среднорочна Програма за поддршка на земјата, која предвидува проекти со кои ќе се поддржат потребните реформи во повеќе сектори за преговорите за членство во Европската Унија, но и ќе овозможат економски развој, а со тоа и подобар живот за сите граѓани во земјата, информираат од кабинетот на вицепремиерот.
Битиќи се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на Швајцарија, која е еден од најголемите поединечни контрибутори кога станува збор за имплементација на проекти во нашата земја.
– Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Сутер Техада, дискутираа за реализацијата на проектот за воспоставување на Систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа), кој треба да обезбеди податоци за соодветно креирање на политиките за рамномерен регионален развој и намалување на диспаритетите помеѓу одделните региони во земјата, соопштија од кабинетот на Битиќи.
За време на состанокот се разговарало и за други проекти кои се реализираат во заедничка соработка, а кои се однесуваат на зголемувањето на можностите за вработување, односно креирање на подобро платени работни места, користењето на швајцарското искуство во дуалното образование, дигитализацијата на стопанството и администрацијата, како и за проекти кои се однесуваат на демократско владеење и антикорупција.
– Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Сутер Техада имаа заеднички став дека соработката во наредниот период ќе продолжи со несмален интензитет и дека ќе работат на имплементација на проекти кои ќе придонесат за зголемена економска соработка помеѓу двете земји, како и на проекти кои значат подобри услови за живот и повисок животен стандард на граѓаните, стои во соопштението од кабинетот на заменикот на претседателот на Владата за економски прашања.