Да се вратат државните долгови кон приватните компании чија ликвидност е доведена во опасност поради кризата, враќањето на ДДВ приоритетно да ги опфати производителните и извозно-ориентирани компании, да се укине аконтацијата за данокот на добивка зашто 2020-та ќе биде година на загуба за повеќето компании, а производите кои Владата ги смета за неопходни и се увезуваат да имаат нула отсто царинска стапка со оглед дека нивната набавна цена е покачена, додека компаниите имаат ограничување по однос на продажната цена.
Ова се само дел од мерките што ги предлага Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) за полесно соочување со состојбата предизвикана од коронавирусот.
Според Комората која направи истражување меѓу своите членки, сегашните владини мерки за помош и поддршка на бизнисот, генерално не се соодветни и не им помагаат на компаниите.
СКСЗМ воедно апелира до партиите, да не ја користат кризата за политички поени.
– Истражувањето покажува дека економските мерки од Владата за бизнисите и економијата генерално не се соодветни. Исто така, значителен број сметаат дека нема да ги користат. Од испитаните компании, 57,1 отсто сметаат дека владините мерки нема да им помогнат на бизнисите, 25,4 отсто дека мерките се делумно соодветни, додека тие што сметат дека мерките се соодветни се 6,3 отсто. По однос на примената, 38,1 отсто сметаат дека овие мерки не се применуваат врз нивните дејности, додека 23,8 проценти одговориле дека нема да ги користат овие мерки. Со оглед на фактот дека бизнисите се оштетуваат и дека сегашните владини мерки воопшто не им помагаат, секогаш имајќи го предвид јавниот интерес, т.е. јавното здравje, предлагаме итни мерки кои ќе помогнат на економијата и бизнисот да бидат ликвидни во оваа фаза на кризата., наведува СКСЗМ.
Комората предлага да се субвенционираат платите на работниците со минимална просечна вредност од 20.000 денари нето, да биде нула до – 0,30 отсто каматната стапка за новите кредити што ќе им требаат на компаниите од комерцијалните банки во земјава или каматата да биде покриена од Владата, како и да се обезбедат кредити со минимални каматни стапки и поедноставена постапка за одобрување за компании кои имаат развојни проекти.
-Мерките треба да се применуваат со приоритет во најбрз можен рок, да ги опфатат сите индустрии, бидејќи сите се подеднакво засегнати, да се поддржат сите компании, поддршката за убвенционирање на платите треба да трае најмалку три месеци, кредитите со нула отсто каматна стапка да имаат минимум грејс период од шест месеци, порачува СКСЗМ.
Согласно истражувањето, 27 отсто од испитаниците одговориле дека нивната дејност се одвива нормално за разлика од претходниот период, 33,3 проценти работат со скратено работно време, а 31,7 проценти работат со редуциран капацитет.
-Овие факти укажуваат на ризикот со кој се соочуваат бизнисите за време на нивното работење. Незадоволителни одговори произлегуваат и од прашањето во врска со промената на бројот на вработените. Вкупно 52,9 отсто одговорија дека моментно нема промена, но 29,4 проценти тврдат дека имаат направено редуцирање на бројот на вработени, додека 17,7 отсто тврдат дека ако не добијат помош од државата ќе бидат приморани да го намалат бројот на вработените, истакнува Комората.
Дополнува и дека со мерките што ги предлага ќе се зачуваат работните места, ќе се намалат оперативните трошоци на компаниите, ќе им се помогнат да добијат нови заеми за исплаќање на обврските од трети страни и ќе се обезбеди потрошувачка што е основа на државната економија.