Инфлацијата во Русија во 2014 година ќе достигне приближно 11,5 отсто, изјави во говор пред Советот на Федерацијата (Горниот дом на Парламентот) министерот за финансии Антон Силванов, цитиран од ТАСС.
– За жал годинава расте инфлацијата кај нас, рече тој. „Со вчерашен датум годишната инфлација изнесува 10,4 отсто. За цела година таа најверојатно ќе изнесува 11,5 отсто, односно можно е да биде малку поголема или малку помала“
Федералната служба за статистика вчера соопшти дека неделната инфлација во Русија од 16 до 22 декември забележала рекорден раст од 0,9 проценти. Од почетокот на годината цените нараснаа за 10,4 отсто, што е максимално ниво од 2008 година наваму.
Годинешната инфлација во Русија веќе ја надмина и најпесимистичката проценка на Централната банка во Москва, што изнесуваше 10,1 проценти. Руското Министерство за економија прогнозираше дека од ланскиот декември досега инфлацијата ќе изнесува девет отсто, а Министерството за финансии очекуваше 9,7 проценти, напемна ТАСС.
Во 2013 година инфлацијата во Русија се задржа на нивото од 6,5 проценти, но годинава следеше нејзино забрзување заради ембаргото врз повеќето американски и европски прехранбени производи, што во август го воведе официјална Москва, посочуваат француските медиуми.
Во текот на есента оваа тенденција се засили заедно со падот на вредноста на рубљата на одгласите на западните антируски санкции и поевтинувањето на цената на нафтата на светските берзи. Минатата недела главните показатители ги достигнаа нивоата на пад што не се забележени уште од финансиската криза во 1998 година, забележаа француските медиуми.
– Слабеењето на руската рубља во однос на другите светски валути заврши и во моментот има тенденција на зацврстување на вредноста на руската валута, изјави Силванов за руските медиуми.