Реформите во енергетскиот сектор во Македонија продолжуваат со цел постепено да станеме дел од единствениот пазар на енергија на Европската унија.
Тоа го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини во излагањето на состанокот на министрите за енергетика на Европската унија и на земјите кандидати за членство во Европската унија и земјите од ЕФТА, што се одржа во изминатите два дена во Вилнус, Литванија.
Сарачини ги истакна заложбите на македонската Влада во енергетиката за воведување европски стандарди во овој сектор, преку хармонизирање на националното законодавство со законодавството на ЕУ, имајќи предвид дека енергетиката претставува столб на економијата на земјата за економски развој и социјална стабилност.
– Во оваа насока се уште се прават реформи во енергетскиот сектор и пазарите на електрична енергија и природен гас, со цел постепено да станат дел од единствениот пазар на енергија на ЕУ. Земјите од регионот се обединети во енергетска заедница, каде што заедно соработуваат да создадат стабилна регулаторна и пазарна рамка која ќе привлече инвестиции во енергетскиот сектор со што ќе се обезбеди стабилно и континуирано снабдување со енергија, рече Сарачини.
Тој укажа дека во рамки на енергетската политика на Владата посебен акцент се става на обезбедување сигурност во снабдувањето преку поголема диверсификација на изворите. Во таа насока покрај максималното искористување на домашните извори, преку ревитализација на постојните и изградба на нови капацитети, стратешка цел на Република Македонија е да се поврзе со соседните енергетски системи и системите во регионот, наведе министерот Сарачини.
Состанокот на министрите за енергетика е инициран како дел од активностите за реализација на приоритетите на литванското претседателство во енергетиката: контиунирано работење во однос на комплетирање на внатрешниот пазар за енергија на ЕУ во 2014 година, како и зајакнување на надворешната димензија на енергетската политика на унијата. Целта е да се засили европската конкурентност и да се одговори на предизвиците поврзани со високите цени за енергија и трошоци.
На состанокот се дискутираше за потребните мерки кои треба да се преземат за да се комплетира внатрешниот пазар на Европската унија, меѓу кои потребата од зајакнување на регулаторните тела и овозможување конкуренција. Учесниците на состанокот дискутираа за интеграција на пазарите на енергија на земјите членки на Европската унија, преку физичко поврзување, односно изградба на потребна инфраструктура и мехнизмите за нејзина поддршка. Дебатата се разви во насока на поставување нови цели за 2030 година, со цел намалување на штетните емисии. Во тој сегмент се разгледуваат можности за утврдување нови цели за учество на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност и други мерки и активности.
Според заклучоците од состанокот, комплетирањето на пазарот на енергија треба да продолжи и понатаму преку мерки кои ќе бидат во насока на поттикнување на инвестиции во енергетскиот сектор и заштита на потрошувачите. Упатени се и препораки за поттикнување на потрошувачите активно да учествуваат на пазарот, со можност да управуваат со својата потрошувачка, преку можноста за инсталирање паметни броила.