Од вечерва на полноќ во САД по автоматизам ќе стапи во сила намалување на Државниот буџет, со што во следните седум месеци средствата за буџетските корисници ќе бидат намалени за околу 85 милијарди долари.
Иако принудното кратење на Буџетот ќе има негативни последици врз напорите за заздравување на американската економија, засега нема најави дека Конгресот би можел да постигне компромис за избегнување на автомсткото намалување на буџетските средства. Во прилог на ваквата оценка оди и фактот што голем број сенатори и конгресмени уште од синоќа го напуштија Вашингтон и заминаа во своите домови за претстјниот викенд.
Американскиот претседател Барак Обама последниве денови се обиде да издејствува компромис меѓу републиканските и демократските членови на Конгресот, но таквите негови напори не дадоа разултат.
Демократите во Конгресот предлагаат намалување на буџетскиот дефицит преку зголемување на даноците за богатите Американци, додека републиканците инсистираат на остварување на таа цел преку кратење на државите трошоци и на реформи на јавните програми.
Претставник на Белата куѓа најави дека Обама денеска ќе одржи уште една средба со лидерите на двете партии во Конгресот, но не изрази оптимизам за можен договор.
Доколку не биде постигнат компромис, Обама ќе мора да потпише извршен акт за намалување на трошоците на сите владини и јавни институции – од Пентагон, па се до корисниците на социјална помош и на земјоделски субвенции.