Блумберг – Њујорк
Русија падна во најдолгата рецесија во последните две децении и од таму веќе не доаѓаат никакви добри вести. Но, има еден показател кој е се поизразен и тој е од најголемо значење за Владимир Путин – неговите девизни резерви.
До 19 февруари, централната банка имала 379 милијарди долари како странска валута и злато. Тоа е за 29 милијарди долари повеќе во споредба со априлскиот минимум од минатата година и така Русија е единствениот нов пазар во подем кој прикажа раст на своите резерви во злато и девизи.
И додека Кина и Саудиска Арабија трошат десетици милијарди долари за зацврстување на своите валути, централната банка во Москва се откажа од интервенции. Откако на крајот на 2014 залудно потроши 67 милијарди долари во обид да ја стабилизира својата валута, Русија не даде ниту цент за поддршка на рубљата. Минатата пролет дури и почна да купува девизи.
– Никаква потрошена сума од девизните резерви нема да ја стабилизира рубљата, изјави во февруари првиот заменик раководител на Руската централна банка, Дмитриј Тулин, кога рубљата падна на ново дно. – Многу е лесно да ги истрелаш сите куршуми брзо, но тоа во секој случај ќе биде привремена, пирова победа, рече тој.
Таквата гледна точка го одразува наглиот пресврт кој Путин го направи пред една година, кога реши по секоја цена да ја остави руската валута на падот на цените на нафтата и на санкциите на САД и ЕУ кои значително го ограничија достапот на Русија до западните финансиски пазари. Кога нафтата драстично поевтини, се наметна курсот на рубљата да биде жртвуван, иако до пред извесно време тоа беше првостепениот економски приоритет.
Сега од рускиот фонд за благосостојба, чиј главен дел го држи РЦБ под формата на сметки, може да се троши, а истовремено општата сума на резревите да не се намалува. – Повеќе нема да ги гориме резервите, изјави Путин кога централната банка го ослободи курсот на рубљата.
Економскиот експеримент ја одразува неговата убеденост дека златото и девизите во банката се најдобрата гаранција за финансиската независност на Русија, според високи руски претставници кои со него ја разгледуваат оваа тема. Откако дојде на власт во 2000 година, Путин почна да ги зголемува резервите од тогашното нивно ниво од едвај 13 милијарди долари и ги плати долговите на Русија, кои денес се едни од најниските помеѓу големите економии.
– Владимир Путин ја увиде силата на државните резерви во 2008-2009 кога токму благодарение на нив ја преживеа кризата и не претрпе големи загуби, рече Алексеј Кудрин, кој во тоа време беше министер за финансии, а и денес често редовно се сретнува со Путин за да разговараат за економската политика. – Да се остане со мали резерви сега би било тешко, дури и чисто психолошки, додава Кудрин.
Во вторникот на 1 март, Путин ги одби барањата на централната банка средствата да бидат искористени за заживување на економијата, изјавувајќи пред група бизнисмени дека „златните и девизните резерви се создадени од централната банка за други цели, а не за финансирање на тековните економски проблеми“.
Да се зачуваат резервите
Минатата пролет, кога рубљата на кратко закрепна, банката се зафати да купи 10,5 милијарди долари за пополнување на своите резерви, но веднаш запре со тие активности кога падот на рубљата се повтори. Повеќето останати извлекувања од резервите доаѓаат од банките кои даваат девизни кредити на централната банка, а исто и од колебањата на девизнот курс, посочи банката.
Само што загубите на рубљата се многу големи. Минатата година нејзината вредност се стопи за една четвртина во однос на доларот, а на почетокот на оваа година кога цените на нафтата го достигнаа минимумот во споледните неколку години, рубљата регистрираше пад од околу пет проценти дневно.
– Централната банка е подготвена да поднесе секакви колебања на курсовите, а тоа да не е на сметка на резервите, рече економистот Олег Кузмин од „Ренесанс капитал“.
Раководството на банката многу внимателно следи дали Русите не ја губат верата во рубљата, која поднесе силни удари, и добива секој ден извештаи од банките за побарувачката на странски валути, соопштуваат високи руски претставници. Засега Кремљ ја избегна паниката која вообичаено се појавува при девалвација.
Страдањата на рубљата
Падот на курсот на рубљата всушност предизвика раст на инфлацијата, успорувајќи ги годините напредок на централната банка во обидите да го задржи покачувањето на цените. Цените скокнаа за 12,9 проценти минатата година, што е најголем пораст на годишно ниво од 2008-та. Падот на рубљата е главната причина за забрзувањето на инфлацијата имајќи ја предвид зависноста на Русија од увоз на се – од храна до индустриски машини.
Падот на курсот на рубљата им овозможи на некои локални компании успешно да си конкурираат дома и во странство заради ниските цени, но нагли колебања на курсовите го усложнуваат живото на бизнисите.
– Оваа нестабилна рубља е нешто лошо за нас, вели Владислав Корочкин, претседател на подмосковската компанија „Рускиј огород“, која продава семиња и растенија и речиси половина од суровините ги увезува од странство. – Веќе никој не верува дека курсот на рубљата може да се прогнозира шест месеци однапред, рече Корочкин.
Нестабилноста го вознемири и Путин, велат високи претставници кои со него го разгледувале тој проблем, но засега тој е подготвен да ја плаќа таа цена за зачувување на финансиската стабилност на земјата. Тој редовно бара од соработниците извештаи за тековниот обем на резервите, соопштија двајца високи руски раководители кои побараа анонимност.
Освен тоа, Русија ги чува повеќето пари од двата фонда за благосостојба во централната банка. Кремљ дури и да ги искористи тие средства, бирократите пронашле начин како да го оддржат главниот обем на резервите, па дури и да го зголемат.
Префрлање на фондови
Кога Министерството за финансии зема средства од резревниот фонд за покривање на нараснатиот буџетски дефицит, централната банка едноставно ги преведува девизните активи на своја сметка, давајќи му на Министервото рубљи. За да го задржи темпото на инфлацијата, централната банка ја зема соодветната сума во рубљи од системот и со тоа го намалува кредитирањето на банките.
– И покрај раширеното мислење расходите на пари од резервниот фонд не ги намалуваат девизните залихи, вели поранешната соработничка на централната банка Екатерина Власова, која сега е економист во Ситигруп инк.
Путин лично носи одлуки за трошењето пари од другиот фонд, кој е наменет за инфраструктурни и други долгорочни проекти, велат високи административци. Досега од тој фонд во висина од 71 милијарди долари за исполнување на проекти е потрошена само една третина од главната сума, а остатокот се чува во резервите на централната банка.
Од вкупно 379-те милијарди долари резерви на централната банка, околу 99 милијарди долари се од двата фонда за благосостојба. Тие пари се инвестирани најмногу во државни доларски и еврообврзници, а исто и за зголемените златни залихи на Русија.
Според официјални претставници, овие два фонда можат да бидат исцрпени до 2018 година, ако цените на нафтата не се зголемат, а Владата не најде други начини за покривање на дефицитот, како што се продажба на државните активи или зголемување на долгот. Кога фондовите ќе бидат испразнети, Кремљ ќе биде принуден да преземе болни мерки за кратење на расходите или пак да ги покачи даноците, за да го држи под контрола буџетскиот дефицит.
Во меѓувреме, централната банка бара патишта за зголемување на своите резерви. Кога Путин одлучи да ја ослободи валутата, банката објави планови за да ги зголеми своите резерви до 600 милијарди долари.
Тој показател е два пати над нивото кое економската теорија би го барала при нормални услови. Освен тоа шефицата на централната банка, Елвира Набиулина, го рече следното при објавувањето на целите минатата година: „Тоа е нивото на кое ние не сме навикнати“.
Ако тоа биде остварено, тоа ќе значи зацврстување на вредноста на показателите од почетокот на 2014 година и малку под рекордот кој беше прикажан во јули 2008 година. Тогаш вкупната сума на резервите беше 598 милијарди долари, доволна да и определи на Русија трето место според девизните залихи по Кина и Јапонија.
Стремежот за таа цифра значи дека колебањата на курсот на рубљата веројатно ќе продолжат. – Централната банка планира да остане на маргината на девизнот пазар, рече Власова од „Ситигруп“. – Финансиските власти цврсто се настроени да ги одржат девизните резерви во најблиска перспектива и да ги зголемат во среднорочна перспектива. додава таа.