Во Прага денеска и утре се одржува Првата сесија на Заедничкиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република.
Целта на Комитетот е интензивирање на бизнис соработката меѓу двете земји и дефинирање на натамошните чекори за промоција на трговијата и инвестициите, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Експертите од двете држави ќе разговараат во рамки на три работни групи. Ќе бидат презентирани македонските можности за инвестирање во делот на енергетиката, минералните суровини, транспортот, како и во областа на земјоделството, заштитата на животната средина и туризмот.
Ќе се разговара и за интензивирање на трговијата и инвестициите на мали и средни претпријатија.
Според податоците, размената меѓу двете држави константно бележи зголемување, особено извозот од македонска страна во Чешка. Оценките на двете држави, се дека постојат потенцијални можности од двете страни за зајакнување и зголемување на трговско-економската соработка и во иднина.
Како особено значајна се смета соработката во енергетскиот сектор, односно обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата и фотоволтаична енергија, како и геотермалните технологии.
Посебен интерес постои за зајакнување на економската соработка во секторот рударство, металната и електро-индустријата, автомобилската, хемиската и прехранбената индустрија и руралниот развој.
Во рамки на дводневниот состанок, копретседавачите на двете делегации, заменик-министерот за економија Христијан Делев од македонска страна и чешкиот заменик-министер за индустрија и трговија Милан Ховорка ќе потпишат Протокол во кој ќе бидат утврдени насоките на идната економска соработка меѓу Македонија и Чешка.
Мешовитиот Комитет произлегува од Договорот за економска и индустриска соработка меѓу Македонија и Чешка кој беше потпишан на 10 февруари 2010 година во Прага, во рамки на официјалната посета на премиерот Никола Груевски.