Поради нецелосно доставените финансиски резултати до привремените стечајни управници, привремено е одложена стечајната постапка за одделните ДООЕЛ-и на охридски „ЕМО“.
Од управата на „ЕМО“ соопштуваат дека стечајната постапка се одложува за 16. јануари идната година, период во кој останува да се докомплетира документацијата за работењето до стечајните управници на одделните ДООЕЛИ на компанијата. Колку од ДООЕЛ-ите на „ЕМО“ ќе останат со стечајна постапка ќе зависи од предлозите што ќе ги достават привремените стечајни управници, а за самиот стечај ќе треба да се произнесат и судските инстанци.
Независно стечајната постапка, АД „ЕМО“ продолжува со производството, со континуитет на испораката на нарачаните материјали, претежно за извоз на електроопрема за пазарите во соседните земји и Италија, додека активностите на домашниот пазар се претежно од монтажерски карактер.
Доминантен сопственик на акции во АД „ЕМО“ е Владата на Република Македонија која прави обиди да ја продаде компанијата на странски партнер, по шесте неусопешни обиди за нејзина продажба. Во насока на зголемување на атрактивноста и привлекување инвеститор, предвидени се одредени активности, како што беше издавањето на акции преку кои беше пребиен долгот на компанијата кон државата во висина од 4,16 милиони евра, како и предвиденото намалување на бројот вработени. Предвидено е отпуштање на повеќето од 1500-те вработени, со целосна исплата на нивните заостанати плати, како и прогласување на технолошки вишок, на кои ќе им бидат исплатени надоместоци до нивно пензионирање.