Во рамките на дводневната Прва седница на Мешовитиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република, денеска во Прага беше потпишан Протоколот за утврдување на насоките на економските и трговските односи меѓу двете земји.
Потписници, воедно и копретседавачи со сесијата, беа заменик-министерот за индустрија и трговија Милан Ховорка од чешка страна и македонскиот заменик-министер за економија Христијан Делев.
Тие, како што јави дописникот на МИА од Прага, изразија задоволство од разговорите во кои ги потенцирале реалните можности на економиите на двете држави од кои произлегле и конкретни договори за понатамошна соработка и взаемна корист.
Заедничкиот комитет произлегува од Договорот за економска и индустриска соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Чешката Република, кој беше потпишан на 10 февруари 2010 година во Прага, во рамки на официјалната посета на премиерот Никола Груевски.
– Ние сме свесни дека е потребно да создадеме средина каде е овозможена стопанска соработка и нашата главна цел е да ги извојуваме тие простори и да создадеме рамка во која ќе може да се движат чешките и македонските фирми како партнери, изјави за МИА чешкиот заменик министер за индустрија и трговија, Милан Ховорка.
Ховорка, подвлекувајќи ја гласната поддршка за европска интеграција на Република Македонија од нивна страна, оцени дека за време на дводневната работна средба на чешко-македонската делегација биле разгледани можностите за конкретна помош и искористување на фактот што Чешка е член на Европската унија.
– Не сакаме да останеме само во системската поддршка кон Република Македонија туку сакаме конкретна соработка во областите во кои нашето специфично искуство од процесот за пристап во ЕУ би било од заеднички интерес, бидејќи порано или подоцна ништо нема да стои меѓу македонските производители и нивните конкуренти од Унијата, оцени Ховорка.
Чешкиот заменик-министер истакна дека постојат огромни можности за соработка во областа на енергетиката и обновливите извори, како и во секторот на геолошките испитувања, каде досега учествувале повеќе чешки фирми. Тој го потенцираше и взаемниот трговски интерес во автомобилската индустрија, животната средина и земјоделството.
Ховорка изразувајќи воодушевеност од македонската природа и културно наследство, истакна дека чешката страна предложила следната седница на чешко-македонскиот Мешовит комитет, да биде одржан во Охрид, што било прифатено од македонските претставници.
Во рамки на посетата на Чешка, македонскиот заменик-министер за економија Делев одржа средба со чешки бизнисмени на која упатувајќи им покана за инвестирање ги информираше за можностите кои ги има Македонија.
– Средбата во Прага, резултираше со истакнување на конкретни области и проекти, рече Делев по средбата со чешките стопанственици, истакнувајќи го интересот на чешките тур оператори за за субвенциите кои ги нуди Македонија во оваа област.
На покана на раководството на чешката индустрија за автомобили ,,Шкода”, Делев оствари средба со директорот за надворешни односи Михал Кадера, со кој се договорија ,,да се направи скрининг на производителите на автомобилски делови од Република Македонија, со цел да се оцени можноста истите да станат добавувачи на „Шкода”.
– Од најголемата чешка фабрика за автомобили добивме конкретна понуда за презентација на производителите на автомобилски делови од Република Македонија со цел искористување на нивните техничките капацитети, изјави Делев, додавајќи дека од македонска страна наскоро ќе бидат направени потребните подготовки.
Делев изрази задоволство од интересот за извоз на македонските земјоделски производи на чешкиот пазар, подвлекувајќи дека постојат големи можности со институционална поддршка од двете страни соработката уште повеќе да се зголеми.
Тој потенцираше дека е потребна поддршка за реализација на потребите за соработка во рударството и минералните суровини во кои може да соработуваат двете земји, најавувајќи посета на чешки експерти од оваа област во Македонија, во средината на овој месец.
– Взаемно се договоривме за заеднички настапи на трети пазари, особено што овде во Чешка се присутни повеќе компании од Африка со кои тие соработуваат, додаде Делев.