Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Никола Мемов, претседателката на Сојузот на пензионерите Станка Трајкова и претставници од „Промедика Офталмологија“ и „Систина Офталмологија“, потпишаа Меморандум за соработка, со цел воспоставување партнерство кое ќе обезбеди поволности за корисниците на пензија.
Со Меморандумот се уредува начинот на кој пензионерите ќе можат да ги користат услугите на „Промедика Офталмологија„ и „Систина Офталмологија“, во насока на унапредување на нивното здравје на видот и подобрување на квалитетот на живот.
„Со потпишувањето на овој Меморандум придонесуваме во заштитата на здравјето на пензионерите. Ова е само дел од мерките што се преземаат во насока на подобрување на условите на живот за оваа категорија на граѓани за што посветено работиме. Ме радува фактот што „Промедика Офталмологија“ и „Систина офталмологија“ како врвни институции во здравствениот систем се согласија да прават бесплатни превентивни скрининзи и консултации и да им дадат поволности на нашите пензионери,“, рече директорот на Фондот, Никола Мемов.
„Како општествено одговорна институција, „Промедика Групација“ континуирано се стреми кон подобрување на здравјето кај луѓето. Особено сме горди што со потпишувањето на овој Меморандум ќе придонесеме за навремено откривање и превенција на очни заболувања кај пензионерите. Нашата мисија е секој човек, без разлика на возраста, да има пристап до квалитетна, безбедна и современа офталмолошка грижа“, изјавија од „Промедика Офталмологија“ и „Систина Офталмологија“.
Претседателката на сојузот, Станка Трајкова нагласи дека здравјето на пензионерите е од исклучителна важност и секој чекор што може да придонесе во неговото подобрување е за поздравување.
„Како Сојуз сме задоволни што „Промедика Офталмологија“ и „Систина Офталмологија“ ќе одвојат ресурси и средства со кои ќе се овозможат превентивни скрининзи и ќе се помогне во натамошното лекување на пензионерите доколку имаат проблем“, додаде таа.
Трајкова нагласи дека како Сојуз ќе ги запознаат пензионерите со поволностите што пензионерите ќе ги добијат со потпишувањето на Меморандумот и ќе придонесат тој непречено да се реализира.
Со потпишувањето, пензионерите во земјата ќе добијат пристап до бројни поволности и бесплатни превентивни активности насочени кон унапредување на здравјето на видот.
Во рамки на соработката, стручниот офталмолошки кадар, лекари специјалисти и специјализанти, ќе ги посетуваат здруженијата на пензионери, членки на Сојузот на здруженија на пензионери. За време на овие посети, пензионерите ќе можат бесплатно да добијат консултации, мерење на очен притисок и мерење на шеќер во крвта, со цел рано откривање на можни очни заболувања и навремена превенција.
Покрај тоа, пензионерите ќе добијат и попуст од 30 проценти за субспецијалистички офталмолошки прегледи, кои опфаќаат рефракција, одредување на видна острина, мерење на очен притисок и преглед на преден и заден сегмент на окото, како и на предоперативни испитувања за катаракта, кои вклучуваат: рефракција, мерење видна острина, очен притисок, преглед на очно дно, ехо/биометрија, IOL master, OCT на очен нерв и макула и топографија на рожница. Исто така пензионерите ќе имаат и можност за плаќање на услугите до 10 месечни рати.
Особено значаен е и социјалниот аспект на оваа соработка, односно секое Здружение на пензионери кое ќе упати најмалку десет пациенти за хируршко лекување на катаракта во една од болниците на „Промедика Групацијата“, по предлог на Комисијата за здравство во здружението ќе има можност да избере еден пензионер од социјално загрозените категории, на кој операцијата на катаракта ќе му биде извршена целосно бесплатно.