Во рускиот град Санкт Петерсбург почнува тридневниот Економски Форум на кој ќе учествуваат над 10 илјади политички и бизнис лидери од 133 држави. На форумот ќе учествуваат Генералниот Секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш, индискиот премиер Нарендра Моди, австрискиот канцелар Кристијан Керн и други свтски водачи.
Форумот се одржува секоја година од 1997 година, а од 2006 година е под лично покровителство на рускиот претседател. Организиран во соработка со Светскиот Економски Форум, Светската Банка, Меѓународниот Монетарен Фонд и други организации, на форумот, кој е познат под прекарот “рускиот Давос”, се одржуваат дискусии за горливите глобални политички и економски прашања.
Меѓу предвидените настани е и средба на првите луѓе на новински агенции од целиот свет, организирана од руската агенција ТАСС, на која ќе присуствуваат водечки медиумски куќи од САД, Германија, Кина, Индија, Италија, Турција, Јапонија, Шведска и други држави. Македонската Информативна Агенција на оваа средба ќе биде претставена од заменик директорот Халит Ајдини.