Окрупнувањето на земјоделското земјиште е неопходен чекор за развој на македонскиот аграр, беше речено на денешната трета регионална работилница за подигнување на јавната свест и интересот за консолидација на земјиштето.
– Малите и раситнети парцели резултираат со ограничено производство, зголемени транспортни и производствени трошоци, како и неможност за имплементација на современи технологии и развојни планови. Консолидацијата е вистинскиот начин секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема површина и со правилна форма, наспроти малите расцепкани парцели, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Во рамки на проектот „Мајнланд“ почнаа активностите за идентификување на регионите во државата каде што е потребно и можно консолидирање на земјиштето. Овој процес, напомена Николовски, ќе се одвива преку различни инструменти – од едноставна размена на парцели со или без промена на нивната форма до репарација на земјиштето со промена на границите на земјишните парцели со правилна форма.
– Изминатите две недели, во рамки на проектот, вработените од подрачните единици, како и советници на Националната агенција за развој и поттикнување на земјоделството, беа обучени како да ги идентификуваат и селектираат најпогодните области за консолидација и како да работат со земјоделците во процесот на изразување интерес за локални проекти, рече Николовски.
Од ФАО велат дека до крајот на годината треба да се одберат 12 зони за консолидација. – Тие нема само да се окрупнат, туку ќе добијат и нова патна инфраструктурна мрежа, како и нови системи за наводнување, рече Вилма Даугалиене, главен технички советник во ФАО.
Освен во Струмица, регионални конференции се одржани и во Гостивар и во Битола, а наредната е закажана на 14 ноември во Штип.