Окрупнување на парцелите за конкурентно земјоделство

Од:

Македонија има најрасцепкани парцели во споредба со останатите земји од регионот и тоа мора да се промени, но освен заложба на институциите, неопходна е и голема посветеност на земјоделците, беше речено на денешната инфо-средба во село Спанчево.

Како што нагласија министерот за земјоделство Љупчо Николовски и претставниците на ФАО и на Европската унија, консолидацијата на обработливото земјиште е почетна точка за создавање активни земјоделци – претприемачи, подготвени за успешен натпревар на европскиот пазар.

На средбата, производителите и сопствениците на земјоделски парцели од Спанчево, Чешиново, Соколарци и Чифлик беа запознаени со текот и реализацијата на окрупнувањето на земјиштето. Николовски информира дека веќе влегоа во собраниска процедура и измените на Законот за консолидација кои се основа за успешно спроведувањена целиот процес.

Изминатите неколку месеци, потсети Николовски, беа идентификувани регионите каде што е потребно и можно окрупнување на земјиштето, а пристигнаа вкупно 40 изјави од различни локални заедници за учество во проекти за консолидација.

– Со окрупнување на земјоделското земјиште ќе се овозможи секое стопанство да поседува поголема парцела, со правилна форма, а клучни придобивки се: намалување на трошоците за обработка, зголемување на приходот и профитабилноста по хектар, употреба на модерна механизација и технологии, како и одржливо управување со природните ресурси, рече министерот.

Според него, консолидацијата овозможува и подобрување на руралната инфраструктура согласно локалните потреби на заедниците, изградба на патишта до нивите, системи за наводнување и одводнување, а го олеснува и решавањето на проблемите со регистрација на земјиштето. Се тоа води кон подобрување на животниот стандард во руралните средини и се очекува да ја намали тенденцијата на напуштање на селата и обработливото земјиште.

Во кусото обраќање, Вирве Вимпари од Делегацијата на ЕУ, и главниот технички советник на ФАО Вилма Даугалиене порачаа дека целта на консолидацијата е поголема продуктивност и производство кое подеднакво со другите ќе може да се натпреварува на европскиот пазар.

Спанчево, Чешиново, Соколарци и Чифлик се четири од дванаесетте локации избрани за консолидација на земјоделско земјиште. Главни критериуми за нивниот избор се прекумерната расцепканост на површините и ситните парцели кои имаат негативно влијание врз продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на доминантното производството на ориз. Овие подрачја се карактеризираат со висок процент на изложеност на земјиштето, рамен терен, мала застапеност на повеќегодишни култури и мал број недвижни објекти во секоја област, а земјоделците се особено заинтересирани и сакаат да учествуваат во процесот на консолидација.

Во наредниот период, проектот Маинланд ќе спроведува физибилити студии (за изводливост) во избраните подрачја за да се процени моменталната состојба на терен, да се потврди подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиштето да се вклучат во процесот, да се идентификуваат индивидуалните потреби и да се испитаат другите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата. Врз основа на анализата, студиите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од областите и ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во нови пристапни патишта и инфраструктура за наводнување и одводнување, зависно од потребите во секоја заедница.

Маинланд го спроведува ФАО во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата