Сто и четиринаесет производители и увозници на храна досега до Агенцијата за храна и ветеринарство поднеле барања за одобрување на материјалите и производите со кои работат во контакт со храна. Тоа е обврска што ја имаат поради стапувањето во сила на Правилникот за таа намена, што ќе стапи во сила за една недела.
Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски, барања со кои ќе се регистрираат и ќе добијат одобрувања треба да добијат повеќе стотици компании. Правилата што се пропишани за нив се однесуваат за материјали што доаѓаат во контакт со храна како гума, пластика, дрво, стакло, разни синтетички смоли, премази, восоци, силикон….
– Правилникот за општите барања е донесен на крајот на минатата година, а ќе стапи во сила од 1 октомври, но согласно воспоставената практика кај нас компаниите чекаат до последен момент за да ги поднесат барањата за одобрување и авторизација на материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храна. Апелираме операторите со храна да побрзаат со обврската за доставување барање за регистрација, одобрување и авторизација на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната, изјави Рунтевски по денешната работилница за Правилникот, што се одржа во Стопанската комора.
Од поднесените барања од операторите со храна досега се решени 31, а за неколку од нив Агенцијата е во постапка на завршување затоа што недостига одредена документација. Ако биде одбиено барање заради неисполнување на условите нема да им биде дозволено користење на материјалите, а бидат затекнати дека го користат производот без оодбрување ќе следат парични санкции. Разгледаните барања не предизвикале дополнителни финансиски оптоварувања за компаниите, но тоа е можно за оние што нема да добијат бидејќи ќе мора да ја сменат амбалажата.
Според Рунтевски, правилниците ги пропишуваат општите барања што треба да ги исполнуваат материјалите што доаѓаат во контакт со храна, а има посебни барања за материјалите од посебна важност како керамиката или материиите што се испуштаат преку детските цуцли. За две недели, најави, ќе биде изготвен правилникот што се однесува на пластичните материјали, а до крајот на годинава и правилникот за нови технологии и материјали т.н паметни материјали. – На тој начин ќе ја заокружиме целата рамка во делот на материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната. Значи, дозволени се пластика, стакло, дрво, но има одредени барања што треба да ги исполнат производителите или увозниците на овие материјали за да добијат позитивно мислење од Агенцијата, рече Рунтевски.
Се работи за материја, појасни, што е релативно нова и во Европската унија, на којашто обрнуваме големо внимание бидејќи сепак се работи за обезбедување повисоко ниво на здравје на потрошувачите. – Од известувањата за небезбедна храна коишто доаѓаат преку Европскиот систем за брзо известување една третина се должат токму на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната. Значи една голема бројка што беше неопходно да се регулира, рече Рунтевски.
Тој пред членките на Стопанската комора на Македонија ја презентираше новата процедура како дел од имплементацијата на Правилникот за општите барања за безбедност на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната. Компаниите добија информации за легислативата, обврските, процедурите за одобрување, изјавите за усогласеност како задолжителна документација што треба да ја поседуваат.