Поголема заштита на домашното растително производство, е причината поради која Македонија од 1 јуни годинава ќе почне да издава нови фито сертификати.
Новите сертификати се разликуваат од претходните по специфичната изработка која ги сведува на нула шансите за можна злоупотреба, а покрај основните информации, прикажани на македонски и на уште пет други јазици, имаат воден жиг и холограм од грбот на Државниот инспекторат за земјоделство.
– Новите сертификати ќе овозможат максимална заштита на домашното растително производство. Испечатени се на 90 грамска хартија и со нив се потврдуваат квалитетот и потеклото на производите при извоз и реекспорт, истакна денеска на прес-конференција директорот на Инспекторатот Цветан Трипуновски.
Минатата година, информира, биле издадени 24.000 сертификати, од кои 20.000 за извоз и 4.000 за реекспорт, што значи дека се извезени 27.712 пратки со вкупна тежина од 360.000 тони, 4.000.000 садници и 6.616 метри кубни дрвен материјал. Лани се реекспортирани и 5.000 видови производи со тежина од 60.000 тони.
– Во текот на 2016 година, во соработка со службите од Руската Федерација, откриена е злоупотреба на 64 фитосанитарни сертификати со кои е направен обид да влезе производ на рускиот пазар, кој не потекнува од Македонија, додека за Белорусија се откриени 117 лажни сретификати и направен е обид за влез на продукти кои не се македонски. Затоа, за да се заштити домашното производство, одлучивме да ги воведеме овие нови фито сертификати, потенцира директорот Трипуновски.