Еднократното зголемување на давачките при увоз на овошје и зеленчук за 20 пати што го воведе Хрватска со Правилникот, ќе направи проблем не само кај нас, туку и во регионот. Сакаме домашното производство да биде заштитено согласно меѓународните договори кои Македонија и другите земји кои не се членки на ЕУ ги имаат ратификувано, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, Николовски нагласи дека Министерството за земјоделство активно работиме согласно насоките на Владата, реагираше брзо, ги направи сите анализи и изгради став за состанокот во Сараево во понеделник на кој ќе присуствуваат и ресорните министри од Србија и Бих.
– Во понеделник ќе бидам присутен во Сараево, на состанокот на кој ќе дадеме значаен акцент на ова прашање за сите земји од регионот кои не се членки на ЕУ, а за кои се применува оваа нетарифна давачка која е за околу 20 пати еднократно зголемена од страна на Хрватска, рече Николовски на прес-конференција.
И Владата на синоќешната седница, додаде, го разгледа прашањето околу Правилникот со кој се прекршува ставот 27, точка 1 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
МЗШВ е во постојани консултации со стопанските комори од земјава и со засегнатите производители. – Допрва следи периодот кога ќе имаме извоз на свежо овошје и зеленчук, можеби затоа уште не ги чувствуваме последиците, но мора да бидеме максимално внимателни и претпазливи и да бараме почитување на сите меѓународни акти, како што правиме ние, потенцира Николовски, додавајќи дека Македонија се донесува одговорно кон сите чинители и тоа го бара од нив.