Минатата година увозот на брашно од Србија достигнал 53.000 тони и овие количини не се очекува да се зголемат со потпишување на договорите за унапредување на размената зашто толкава е потребата на македонскиот пазар, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што изјави претпладнево министерот Љупчо Николовски, со преговорите за надминување на бариерите, можно е донесување одлука за целосно укинување на маркичките за брашното.
Николовски рече дека до 30 јуни годинава треба да се усогласат и потпишат двата договора со Србија од областа на безбедноста на храната и фитосанитарната соработка, што ќе значи меѓусебно признавање на сертификатите, побрз проток на пратките, пониски трошоци и поконкурентни македонски производи.
– Со меѓусебното признавање на сертификатите при извозот на македонските месни преработки двојно ќе се намалат цените за лабораторските испитувања зашто анализата во Србија е просечно околу 500 евра, а кај нас 200 евра, чекањето на граница за добивање резултати од анализите од 12 дена ќе се сведе на само еден ден. Македонските извозници на градинарски култури, резултатите од анализите ќе ги добиваат за еден ден, а не како досега за два до три дена, драстично ќе се намалат и трошоците за анализи на домати кои во земјава се 690 денари, а во Србија 2.630 денари, за пиперки кои се 655 денари кај нас, а 2.800 во Србија, за краставица кои се тука 370 денари, а во Србија 2.350 денари и за јаболка кои во Македонија се 965 денари, а во Србија 4.025, велат од МЗШВ.
Според Министерсвото, во 2017 година се извезени 4.034 тони ориз во вредност од 1,8 милиони евра, 1.453 тони месни преработки во вредност од 2,1 милион евра, а извоз на јогурт и на кисело млеко не сме имале последниве години.