Мина со одложено дејство

Од:

Ежедневниј журнал – Москва

Преминот во новата година е време вообичаено за сведување на сметки во најразлични области. Ако зборуваме за економијата, поточно за руската економија, главен заклучок би бил дека таа постепено од кризата лизна во застој. И на повидок нема никакви знаци за обнова на нејзиниот раст, туку денешната стагнација (која тукашните сакаат да ја нарекуваат стабилизација) ќе се прелее во нов бран на криза. Ќе биде добро ако тоа се случи по претседателските избори во 2018 година.

Во спротивно, барањето на „виновници” може да прерасне во многу непријатна кампања која ќе се совпадне со изборната. Кој е тој кој ќе биде прогласен за главен виновник за сенародниот јад и чемер, е повеќе од јасно. Маркерите се поставени, „странските агенти” израдувани, бојата на патчињата нацртани на нивните врати се суши чекајќи ги организаторите и извршителите на погромот, а тие пак чекаат сигнал од врвот. За сето та веќе многу се кажа и затоа нема никаква смисла да се замајуваме со деталите од овие мрачни прогнози.

Во текот на годината веќе детално беа претресени сите главни настани кои директно или индиректно влијаеја, или би можеле да влијаат на руската економија. Брегзитот, победата на Доналд Трамп, договорот со ОПЕК за редуцирање на производството на нафтата, приватизацијата на компанијата Росњефт, апсењето на Алексеј Уљукајев, се се тоа настани за кои може да се расправа (или по 20 пат да се повторат аргументите на сите учесници во расправите за тоа) и да се каже своето мислење… Наместо сето тоа, благодарение би се рекло на празничната „суша”, а всушност на хроничниот дефицит на „сериозни” вести, ќе го свртам вниманието на читателите на една вест која спаѓа во категоријата на т.н. „празнични куриозитети”. Имено, во Германија цената на електричната енергија во текот на божикните празници падна на 0 (со букви: нула) евра по еден киловат.

Тоест, Германците во текот на последните божикни празници не плаќаа струја. Тоа се случи поради сезонскиот пад на потрошувачката и на сметка на моќните капацитети обезбедни со ветрогенератори кои земјата ја снабдуваа практично со бесплатна електрична енергија.

Интересно е дека само неколку дена пред да се појави оваа вест, Путин на својата „голема” конференција за новинарите малку ја почна темата за алтернативните извори на енергија. Путин на нашата јавност објасни дека развојот на овој енергетски сектор е веројатно потребен, но дека нема потреба да брзаме. Тоа е премногу скапо задоволство.

Дури и европските држави, поради огромните трошоци кои паѓаат на грбот на даночните обврзници, ги намалуваат субвенциите наменети за овој енергетски сектор – забележа тој.

Не ни останува ништо друго туку да честитаме на нашиот „одличен граѓански лажго”. Во Европа државните субвенции во експлоатацијата на обновливите извори на енергија навистина се намалуваат, а во некои земји дури и се укинуваат, но не затоа што тоа им е скапо, туку затоа што овој енергетски сектор на пазарот почна да испорачува електрична енергија по конкуретни цени и субвенциите повеќе не им се потребни. Во Соединетите Американски Држави е истата состојба. И таму цената на киловат-час добиена од соларните колектори и ветроагрегатите се намали на ниво пониско од цената која ја нудат класичните термоелектрани.

Последните години енергетиката која се темели на обновливи извори на енергија е најдинамичен сектор на светската економија. При што светски лидер според бројот и висината на инвестициите, како и брзината на изградбата на ветерници, сончеви колектори, геотермални и хидроцентрали е никој друг туку Кина – последна надеж на руските извозници на енергетски суровини. И додека во Русија некои раководители на големите државни нафтени компании од владата непрекинато ги цедат тие средства за финансирање на истражувања на нови бушотини во источен Сибир, а значителен дел од останатата руска економија се баци со изградба, сервисирање и управување на цевководите за транспорт на нафта и гас наменети за извоз, се до тогаш тој напреден дел од светот се движи токму во спротивен правец.

Надвор од Русија денес повеќе на никого не му паѓа на памет под знак прашање да го става феноменот на глобалното затоплување, како и фактот дека основната вина за оваа појава лежи на човекот. Во светот дојде до општ консензус дека спалувањето на разни облици на јаглеводород е лошо и дека на човештвото му е неопходно следната деценија да се посвети на „одвикнување” од таа лоша навика.

И така, сепак дојдовме до настаните од 2016 година, кои несомнено долгорочно ќе влијаат на руската економија.

Во почетокот на ноември стапи во сила Парискиот договор за климата во чии рамки земјите потписнички на себе преземаа долгорочни обврски за редуцирање на емисијата на штетните гасови во атмосферата. Договорот стапи на сила откако го ратификуваа државите кои се одговорни за над 55 отсто загадување на земјината атмосфера. За разлика од Протоколот од Кјото, кој се однесуваше само на развиените земји, обврските според Парискиот договор ќе мора да ги преземат сите. Меѓу овие два меѓународни договори, се гледа уште една разлика: Парискиот договор за климата е ратификуван за рекордно кратко време и тоа без било какво учество на Русија, а во реализацијата на Протоколот од Кјото Русија имаше одлучувачка улога.

Од земјите од групата на „Г20”, Парискиот договор не го ратификуваа само две земји, Русија и Турција. Во Русија одлуката е одложена до периодот „по изборите”, а парламентарната расправа е предвидена за 2019 или 2020 година. До тогаш министерствата и разни државни институции ќе ги изучуваат можните последици кои одлуката за ратификација би ги донела на руската економија, ќе се подготвува нормативна база и ќе се вршат евентуални промени на енергетската стратегија на Русија.

Меѓутоа, најцрно е тоа што руската економија во денешниот вид ќе ја погодат значителен дел од негативните последици, без оглед на тоа дали таа овој договор ќе го ратификува или не. Веќе сосема е извесно дека постепеното „одвикнување” на најзначајните индустриски земји во светот од спалувањето на јаглеводород, на нашите основни извозни „артикли” ќе се намали побарувачката. Освен тоа, за разлика од многу други земји, Русија во рамки на Парискиот договор би можела уште многу години дури и да ја зголемува емисијата на штетните гасови во атмосферата. Накусо кажано, Русија не мора да донесува никакви итни мерки. Можеше со мирна душа да го ратификува договорот, а потоа без брзање да ја подготвува својата нормативна база и во однос сите потреби и проценки, да ја менува својата енергетска стратегија.

Секако, сите тие „еколошки глупости” можат да се игнорираат и наместо сите тие мудрувања околу разни договори и ратификации, да се бави со нешто што е поважно, на пример со реиндустријализација на земјата. Во тој случај падот на извозот би можел да се надомести со пораст на внатрешната побарувачка.

Русија тогаш дефинитивно би се „кренала на нозе” и да го врати силното тело и ведрото лице на економска сила… (Мислам дека нема смисла понатаму да продолжувам; Сергеј Глазев и неговата дружина за вакви описи на идната Русија се многу поголеми експерти од мене). Освен тоа, во Русија би се зголемиле странските инвестиции. Таа иста Кина (и не само таа) радосно во Русија би ги префрлале сите најнечисти технологии и така многу побрзо да ги исполни своите обврски од Парискиот договор за климата.

Но во име на вистината, треба да се спомне и тоа дека една ваква стратегија многу брзо погубно би се одразила на вкупниот руски извоз. Прохибитивните царини на еколошки „валканите” руски производи би биле образложени не само со сеопшта загриженост за заштита на човечката средина, туку и со забелешки на екстра-профитот, кој руските производители би го остварувале со исклучување на примената на суровите еколошки стандарди. Лошите економски резултати би биле проследени и со лоша репутација и во светот на бизнисот и во светот на политиката, а вината за глобалното затоплување и штетите кои веќе се чувствуваат би паднала на Русија.

Се чини дека за сега нема знаци дека Русија дефинитивно ќе ја одбие ратификацијата на овој договор. Меѓутоа, колку подолго се чека, толку ова црно сценарио ќе биде поверојатно.

Би можело да ве интересира

Украинците ги открија трите услови на Русија за мир

ВИДЕО: „Естонците се обидоа да го нападнат рускиот танкер, а потоа се појави Су-35“

Вучиќ се сретна со Путин: Го ценам тоа што дојдовте во Москва и покрај притисоците

Левица: Апасиев на средба со Тајасев – заменик претседателот на КПРФ

Закани без ефект: Фицо ја заобиколува половина Европа за да стигне до Путин

Литванија и Латвија му забранија на Вучиќ да лета за Москва