Меркел: Дигитализацијата ќе го олесни земјоделското производство преку пристап до повеќе и попрецизни информации

Од:

Во рамки на саемот за земјоделство и храна „Зелена недела“, што се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски присуствуваше на Глобалниот Форум за храна и земјоделство (GFFA). Оваа година темата на форумот е „Земјоделството се дигитализира – Паметни решенија за идното земјоделство“. На денешниот состанок, на оваа тема на меѓународните министри за земјоделство им се обрати германската канцеларка Ангела Меркел заедно со министерката за храна и земјоделство на Сојузна Република Германија, Јулиа Клокнер.

Пред министрите од 70 земји во светот Меркел зборуваше за значењето на дигитализацијата за иднината на земјоделството.

Меркел истакна дека земјоделството има долга традиција и многу важно место во економиите на сите земји. Сите земјоделци се соочуваат со заеднички проблеми како што се климатските промени, трговската размена и пласманот на земјоделските производи, но со помош на дигитализацијата се олеснува нивната работа и се овозможува пристап до повеќе и попрецизни информации.

Според проценките на Обединетите нации до 2050 година треба да се произведува 70% повеќе храна за потребите на светот.

„Со помош на дигитализацијата во делот на маркетингот и прехранбената индустрија можеме подобро да ја користиме храната, за помалку да се фрла и да се хранат повеќе луѓе. Ова е само еден од проблемите со кои ќе треба заеднички да се соочиме, а дигитализацијата може многу да помогне во овој процес. Нема единствено решение за сите проблеми, проблемите варираат, но решенијата треба да ги вклучуваат интересите и на малите и на големите земјоделски стопанства, како и способноста за регенерација на природата, односно грижата за животната средина“, порача канцеларка Меркел.

Глобалниот форум за храна и земјоделство е меѓународна конференција која се фокусира на централните прашања за иднината на светската индустрија за храна и земјоделство. Ова е уникатна можност за претставниците од политиката, бизнис секторот, науката и граѓанското општество од целиот свет да споделуваат идеи и подобро да ги разберат темите од земјоделската политика. Форумот се одржува во рамки на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена Недела“ во Берлин, организиран од Министерството за храна и земјоделство на Сојузна Република Германија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата