Во организација на Студентскиот парламент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, од денеска до 5 март во Крушево ќе се одржува Меѓународна конференција за студенти по економија и бизнис на тема „Бизнис климата и развој на претприемништвото кај младите”.
Целта на конференцијата, како што наведуваат организаторите, е да се овозможи едукација, пренос на лични и апликативни искуства, знаења и вештини, како и да се дебатира за учеството на младите во бизнисот во Македонија, a воедно и да се акцентира потребата и значењето на претприемништвото за економски развој на државата.
На форумот ќе присуствуваат над 150 студенти по економија и бизнис од економските факултети во Скопје, Љубљана, Ниш, Нови Сад и од Крагуевац, пред кои ќе говорат врвни, докажани и еминентни личности од сферата на бизнисот и науката и ќе ги пренесат своите знаења и искуства за отворање на патот кон успехот, за младите економисти.