Македонските органски производи сертифицирани по светски стандарди

Од:

Домашните потрошувачи да бидат сигурни во македонските сертифицирани органски производи. Тие се исти како оние во ЕУ и САД и подлежат на еднакви ригорозни контроли, а можноста за манипулација е сведена на минимум.

Како што велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), македонското органско растително производство засега најмногу може да понуди житни култури, фураж, грозје и ароматични лековити растенија, додека во органското сточарство, предничи овчарството.

Сертифицирањето засега го вршат две акредитирани тела.

– Вкупно 3.089 хектари под органско производство се регистрирани лани, а бројот на производители и оператори бил 481. Државната финансиска поддршка изнесувала 47.770.000 денари, информираат од Министерствто.

Од минатата година субвенциите се зголемени за 30 отсто, а на производителите им се исплаќаат и дополнителни 50 проценти од трошоците за сертификација. Како резултат на тоа, според МЗШВ, зголемен е интересот за преминување од конвенционално во органско производство.

Според експертите, за развој на органското производство е неопходно постојано истражување, континуирана едукација и пред се, прилагодување кон побарувачката. Фокусот, сметаат, треба да се стави на руралните средини кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство.

– Добро планирање, организирање, здружување, учење и постојано следење на трендовите, односно на барањата на потрошувачите се клучни за органското земјоделство, посочува професорката Рукие Агич од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Побарувачката за органски производи на светско ниво се зголемува со исклучително брзо темпо. Лани достигна 90 милијарди долари за разлика од 1999 година кога беше 15 милијарди. Најголеми потрошувачи се Швајцарија, Германија, Велика Британија, Луксембург и Данска, а најголем производител е Австрија. Побарувачката е голема и во САД и Канада.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство укажуваат, при купувањето македонски органски производи домашните потрошувачи да ја бараат националната ознака  – сонце околу кое вирее фиданка зашто само тие производи што на себе ја имаат ознаката се сертифицирани и гарантирано квалитетни, согласно стандардите за органско производство.

За повеќе информации околу органската храна, нејзиното потекло, карактеристики, продажба,…, Организацијата на потрошувачи на почетокот од месецов ја промовираше веб страницата www.organskisvet.mk, изготвена во соработка со Министерството за земјоделство.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата