Македонија и Чешка ќе ја унапредуваат соработката во повеќе области

Од:

Македонската делегација која присуствува на првата седница на Заедничкиот комитет за билатерална економска соработка во Прага ги презентираше можностите за инвестирање во делот на енергетиката, минералните суровини и транспортот.

На седницата беа разменети искуствата меѓу двете држави за зголемување на соработката во областа на земјоделството, агроиндустријата, унапредувањето на животната средина и развојот на туризмот.

Во текот на вчерашиот ден беа остварени средби меѓу експертите од двете држави, кои во три работни групи разговараа за интензивирање на трговската соработка и поттикнување на инвестициите на малите и средни претпријатија, јави дописникот на МИА.

Македонскиот заменик-министер за економија Христијан Делев, кој ја предводи македонската делегација, се сретна со директорот  на енергетскиот оддел во чешкото Министерство за индустрија и трговија, Павел Гебауер. Двајцата соговорници за особено значајна ја оценија соработката во енергетскиот сектор, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата и фотоволтаична енергија.

Беше остварена и посета на чешката автомобилска индустрија „Шкода“ каде Делев разговараше со раководството на фабриката.

Во рамки на дводневниот состанок, копретседавачите на двете делегации, заменик-министерот за економија Христијан Делев и чешкиот заменик-министер за индустрија и трговија Милан Ховорка, ќе потпишат Протокол во кој ќе бидат утврдени насоките на идната економска соработка меѓу Македонија и Чешка.

Мешовитиот комитет произлегува од Договорот за економска и индустриска соработка меѓу Македонија и Чешка што беше потпишан на 10 февруари 2010 година во Прага, во рамки на официјалната посета на премиерот Никола Груевски.

Би можело да ве интересира

Во тек се преговорите со откупувачите за новата реколта тутун

Државниот инспекторат за животна средина се врати во матичното Министерство

Триесеттина патници дневно на повторно воспоставената железничка линија Скопје-Куманово-Скопје

Што растеше побрзо – платите или цените?

Доналд Трамп назначи бизнисмен со српско потекло за шеф на државната банка

Намален прометот во индустријата