Ако не создадеме квалитетен советодавен систем во земјоделството, да си дадеме оставка и да си одиме дома, истакна денеска ресорниот министер Љупчо Николовски на јавната дебата што ја организира Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).
Николовски рече дека е згрозен од тоа што во Македонија само една институција обезбедува советодавни услуги за земјоделците, а капацитетите во овој сегмент се минимални наспроти реалната потреба.
– Од квалитетот на советодавната поддршка зависи и успешноста на предвидените реформи. Во моментов, советодавни услуги обезбедува само Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството. Не повеќе од 700 земјоделски стопанства годишно се покриени со овие услуги што некореспондира со бројот на корисниците на државна поддршка и евидентираните 30 до 40 илјади земјоделски стопанства кои имаат посериозен развоен капацитет, подвлече министерот.
Според него, мора да се воспостави силна, секојдневна работа на терен со земјоделците, тие да ги добијат потребните информации, да ги слушнат и да ги разберат политиките, да се едуцираат.
– Квалитетни и навремени услуги се неопходни за современо, конкурентно земјоделство. На Македонија тоа и е сега најпотребно зашто почнува да го чекори патот кон членството во ЕУ, нагласи Николовски, додавајќи дека изминатите 12 месеци еден од неговите клучни приоритети бил токму креирањето закон за советодавен систем во земјоделството.
И Едвард Гонзалес од Канцеларијата на УСАИД порача дека квалитетот на советодавните услуги е пропорционален на успехот на реформите за современо земјоделство.
– Фармерите треба да знаат како најдобро да ги пласираат своите производи, но тие се многу зафатени со нивните секојдневни задачи, немаат време да читаат весници, ниту да следат интернет. Затоа е потребна силна мрежа на земјоделски советници кои ќе ги информираат за сите случувања, најновите технологии и трендовите, како и за тоа како на најдобар начин да ги донесат своите производи на пазарот, рече Гонзалес.
На јавната дебата што ја организира ФЗНХ присуствуваа директори на државни институции и агенции, претставници на земјоделски здруженија и на стопанските комори. Пред нив зборуваше и деканот на Факултетот Вјекослав Танасковиќ укажувајќи дека на денешното земјоделство му се потребни мултидисциплинарни знаења и способности кои преку квалитетни советодавни служби ќе се доближат до примарната алка – производителите.
Како што беше речено, пред почетокот на дебатата, во Македонија лани биле регистрирани над 170.000 земјоделски стопанства, од кои 99,8 проценти се семејни фарми, а 50 отсто од нив користат помалку од три хектари земјоделска површина. Оваа ситуација е дополнително обременета со честите промени на законите и подзаконските акти.
Предлог-законот за советодавен систем во земјоделството е изготвен и со денешниот настан практично е ставен на јавна расправа во која можат да се вклучат сите релевантни страни.
Министерот Николовски најави дека по завршувањето на дебатите, Предлогот ќе биде ставен во владина процедура по што и најверојатно ќе биде донесен наредната година.