Туристичко и историско Крушево реално очекува летово да има туристи и посетители од земајва и од странство. Деновиве е потврдено дека ќе се одржи Светското првенство во змејарство во јули и уште два меѓународини купа во август.
Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски странските гости и вљубеници во алтернативниот туризам веќе се најавени.
-Во тек се подготовките за одржувањето на светското првенство во змејарство кое ќе се одржи од 17 до 31 јули. Во контакт сме со светската параглајдерска федерација и деновиве не известија дека Светското првенство во змејарство ќе се одржи годинава. Има уште два меѓународни натпревари – Холандското првенство и Озон опен-првенството кои ќе се одржат во август. Веќе се отворени аранжманите. Досега се пријавуваа наши, домашни туристи, меѓутоа, со пријавувањето на меѓународните натпревари и со генералната имунизација на светско ниво, почнаа да се пријавуваат и странци. Во моментов се пријавени гости од Полска, па од Русија, Украина, од Норвешка, вели Христоски.
Крушево останува на светската мапа за одржување меѓународни настани, а секако и на национални. За збогатување на содржините, веќе се гради контролна кула за светските параглајдеристи кај полетувалиштето на Мечкин камен.
-Во моментов градиме контролна кула на самото полетувалиште на Мечкин Камен за непречено, нормално и безбедно одвивање на меѓунарондите натпреварувања. Во склопот на самата Кула ќе има сала за состаноци и доколку се лоши временските услови учесниците да се сместат, вели Христоски.
Крушевските угостители нестрпливо ги очекуваат гостите и крушевското лето да заживее. Градот располага со околу 1000 легла. Како што објаснува Жан Здравески-Шапе, познат угостител од Крушево, имаат некоја помош од државата, но главно е пристигнувањето на гостите и враќањето во „нормала“ кога станува збор за посетителите и туристите.
-Во секој случај, со почетокот на вакцинацијата, се надеваме дека ќе има повеќе гости. Меѓу нив се чувствува слободата од вирусот и би требало да има некое придвижување. Нашите домашни гости полека почнуваат да придвижуваат. Очекуваме и натпревари во параглајдерство и змејарство. Ќе се чувствува тоа придвижување. Имаме најава за Светското првенство во змејарство, треба да има летачи во параглајдинг. Се најавува и се надеваме на реализација. Како угостителски сектор ни треба малку да се олабават мерките за да можеме послободно да функционираме и да работиме. Помошта која ја пушта државата е ситна, но, сепак, нешто се задоволува, покрива некој расход, вели Здравески.
Крушево последниве години, е раздвижено. Се менуваат и се обновуваат содржините и се обновува инфраструктурно што е битно за гостите кои пренесуваат на идни посетители и интересот за Крушево расте.