Не се алармантни штетите од невремето што го зафатија викендов струмичкиот регион зашто поголемиот дел од производството е под фолии и заштитено, рече денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за претстојниот саем „Агра“ во Словенија, Николовски нагласи дека за да се прецизираат штетите, мора да се почекаат проценките и анализите од терен.
– Погодено е производството на нивите, но не очекуваме тоа да се одрази врз вкупната продукција и извозот со оглед дека досега имавме добра година, истакна министерот, додавајќи дека земјоделците сепак мора да се информираат и да се едуцираат за да го произведуваат тоа што го бара пазарот.
Во врска со пласманот на лубениците, Николовски уште еднаш потенцира дека проблеми нема. Во изминатите седум дена, рече, се откупени околу илјада тони бостан.
Осврнувајќи се на климатските промени министерот повтори дека во континуитет се преземаат бројни сет мерки, на долг рок. Во Кочани, Струмица и Градско се иснталирани нови метеоролошки станици, реконструирани се постојните, а обновен е и радарскиот систем Ѓуриште. Се инвестира и во иновативни алатки, се разработува системот за градобијна заштита, се изготвува новиот закон за советодавни услуги, и се отвори и дебата за земјоделското осигурување.
– Поправаме работи за кои во изминатите десет години воопшто не се водело сметка, подвлече министерот Љупчо Николовски.