До Министерството за финансии денеска ќе бидат испратени налозите за исплата на над 130 милиони денари субвенции за преку 3.500 пчелари, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Според него, за 1,5 месец се реализирани четири милијарди денари од поддршката за 2016 година, а реализацијата на преостанатите, околу две милијарди, ќе почне од понеделник.
Николовски, кој денеска имаше средба со пчеларите, информира и дека ќе се засилат инспекциските контроли зашто се уште еден од клучните проблеми во овој сектор, рече, е нелојалната конкуренција. Освен што на тоа се пожалиле пчеларите, и тој лично имал сознанија за продажба на фалсификуван мед во маркетите.
– Бескрупулозно, неселктивно ќе преземеме мерки за сузбивање на нелојалната конкуренција. Штом имаме докази дека на рафтовите во супермареките постојат такви производи и тоа лично го видов, штом е дозволено да се дојде до тоа, да се најдат на пазарот, значи станува збор за неажурност и нефункционалност на институциите. Тие мора да бидат професионални, да работат во интерес на граѓаните, не смеат да дозволат да се штитат поединци, подвлече Николовски.
Во однос на протестите и блокадите на некои земјоделци што речиси секојдневно се организираат, министерот нагласи дека се политички, поттикнати од претходната власт.
На прашањето, пак, за лубениците, повтори дека со дополнителната поддршка од два денара беа опфатени 12.000 тони и откупено е целото производство. Воедно ја повика ВМРО-ДПМНЕ да излезе на терен и да се увери во состојбата и во владините мерки, наместо, како што истакна, да креира лажна слика.
– Контактиравме и со откупувачите. Обезбедивме овие неколку дена кога не се применува мерката за поддршка, да се откупат и останатите количини лубеница. Бев на терен и ја увидов состојбата. Подготвени сме да се соочиме со сите проблеми, рече министерот.
Тој потсети и дека со ребалансот на Буџетот поддршката за земјоделството не е намалена, напротив. Предвидени се дополнителни 110 милиони денари за заштита и директна поддршка на земјоделците.
Во врска со трошењето буџетски пари за лични потреби од страна на поранешното раководство на МЗШВ, како што обелодени Николоски, следната недела доказите ќе бидат доставени до надлежните судови.
– Со тоа се занимаваат службите во Министерството, ние сме фокусирани на решавање на проблемите на земјоделците. Идната недела сите докази ќе биде доставени каде што е потребно, информира Николовски.
Претседателот на Здружението на пчеларите Менде Трајковски по средбата во МЗШВ изјави дека очекуваат брзо решавање на проблемите, особено на нелојалната конкуренција. Според него, производството на мед годинава, поради ниските температури и мразот во април, нема да биде во рамки на просекот, но колку ќе биде намаелно ќе се знае на крајот на август. Цените на природниот мед се движат од 300 до 350 денари во Битолско и од 500 – 600 денари во западна Македонија.
– Субвенциите ни се повеќе од потребни зашто годинава е една од полошите поради измрзнувањето во април. Наидовме на разбирање со министерот, очекуваме брзо решавање на проблемите и работите да тргнат напред, истакна Трајковски.