Цената на фјучерсите на какаото што се продаваат на њујоршката берза NYMEX и на лондонската берза ICE достигна 4.300 долари за тон, што е највисока во последните 45 години, односно од септември 1977 година.
Според податоците на берзата, цената на какаото во последната година пораснала за 65 отсто поради загриженоста за испораките од Гана и Брегот на Слоновата Коска, земји кои се главни производители на оваа храна.
Неповолните временски услови, особено невообичаено обилните дождови, го спречија процесот на сушење на зрната какао, што доведе до влошување на квалитетот на зрната, пишува порталот „Трејдинг економикс“.
Земјоделците од Брегот на Слоновата Коска испратиле 479.449 тони какао во пристаништата од 1 октомври до 27 ноември, што е за 32,2 отсто помалку во споредба со истиот период лани.
Љубителите на чоколадо ќе мора да проголтаат горчливо апче, бидејќи цената на нивниот омилен производ најверојатно дополнително ќе се зголеми поради рекордните цени на какаото, пренесува CNBC.