Индискиот милијардер Субрата Рој купува хотел во Охрид дознава А1.
Според наши извори, Индиецот и неговата „Сахара груп“ биле во преговори со три познати охридски хотели, но како што дознаваме изборот паднал само на еден хотел, откако со два хотели пропаднале преговорите.
Договорот како што ни рекоа и некои од хотелските работници во градот кои не сакаат јавно да коментираат ништо ќе биде обелоденет наскоро. Претставници на „Сахара груп“ кои во наредниот период треба да бидат почесто присутни во Охрид, сакале да располагаат со хотелски објект во градот каде ќе престојуваат и од каде ќе ги координираат и вршат сите активности поврзани со најавите за нивно инвестирање во регионот на Охрид и Преспа.
А1 исконтактира неколку угостителски и хотелски работници кои ни ја потврдија оваа информација, но не сакаа да кажат за кој хотел станува збор,иако во Охрид кружат имиња на некои хотели. Во даночното одделение во општина Охрид до овој момент не е регистрирана купопродажба на хотел, која мора да помине кај нив. Инаку Субрата Рој неодамна регистрираше фирма во Македонија и според најавите наскоро ќе започнат сите активности за инвестирање во Македонија. Првично Рој бил заинтересиран да инвестира во Охридско-Преспанскиот регион, конкретно во делот од Свети Наум до Љубаништа покрај самиот брег на Охридското езеро, и понатаму кон Преспа и спорд замислата овде да никне македонскиот Лас Вегас. На последната средба на општинските власти од Охрид со претставници на „Сахара груп“ бил и архитектот кој го дизајнирал познатиот хотел во Дубаи, а кој е во форма на јарбол.
„Целиот тој простор за кој тие се заинтерсирани е од три различни сопствености. Еден дел е во сопственост на фирмата „Охрид турист“, друг дел е на МПЦ и голем дел е во сопственост на жителите на Љубаништа. Тие прашуваа која е стратегијата на општината за тој простор. Стратегијата наша е да се изгради објект со сите содржини кои што може да ги има еден хотел. Кај нив постои интерес. Сите информации му ги дадовме на архитектот, а ние од нив побаравме да ни дадат идејно решение како би го решиле целиот тој простор и повторно да седнеме за да видиме што може, а што не може да се реализира“, изјави неодамна Бранко Арнаудов раководител на секторот за урбанизам во општина Охрид.
Мики Трајковски