Пријателскиот однос кон бизнисот е една од поважните работи во Македонија. Ние сме мала земја и сакаме директна комуникација со инвеститорите ако се соочуваат со некои проблеми, истакна премиерот Никола Груевски, во обраќањето на бизнис форумот во Мексико Сити, на кој со владиниот економски тим ги презентираат деловната клима и поволностите за инвестирање во Македонија.
Пред бизнисмените од Мексико Сити македонскиот премиер укажа дека првата проверка за олеснувањата за инвеститорите и поддршката од Владата може да ја видат преку искуствата на веќе присутните компании со свои инвестиции во Македонија. Ги наброја инвестициите на „Џонсон контролс“, „Џонсон мети“, „Ванхол“, „Протек Груп“, „Технокозе“… и посочи дека токму преку нивните искуства може да направат проверка пред да одлучат да инвестираат во Македонија. Укажа и дека некои од присутните инвеститори веќе градат свои втори фабрики во македонските индустриски зони.
– Ако дојдете во Македонија и разговарате на пример со претставници на „Џонсон контролс“, која што ја изради првата фабрика во 2007, а во моментов ја гради и втората, или „Џонсон мети“, која што ја изгради првата фабрика во 2008, а моментно ја гради и втората, или „Ванхол“, која што моментно гради фабрика за автобуси коишто ќе се извезуваат во САД и во Европа или „Дрекселмаер“, германски производител на автомобилски делови, или „Кромберг и Шуберт“, исто така германски производител на автомобилски делови, или „Протек груп“, најголемата фармацевтска компанија од Русија, „Технохозе“ од Италија…. ќе видите дека се она што го кажав е навистина така. Тие отворено го кажуваат тоа на многу инвеститори кои доаѓаат во земјата и кои сакаат да направат проверки, а првата проверка ја прават со оние коишто веќе инвестирале во Македонија, рече Груевски.
Тој изрази надеж дека бизнисмените од Мексико ќе најдат интерес да ја посетат Македонија и оти можеби македонската држава е место од каде што ќе го покриваат европскиот, но и глобалниот пазар и ќе ги извезуваат своите производи.
Добредојде на македонската делегација и успешна посета и посака бизнисменот Карлос Слим Јуниор.
– Се надеваме дека вашата посета ќе биде успешна со тоа што двете земји ќе станат поблиски. Ќе се зајакнат врските помеѓу двете земји и нивните економии и општества. Добродојдовте и се надевам дека ќе имате добар престој овде, рече синот на најбогатиот човек во светот, милијардерот Карлос Слим.
Постигнувањата на Македонија во однос на условите за почнување бизнис пред учесниците на бизнис форумот беа пренесени од страна на претставници на Светската банка.
Македонија, беше истакнато, направи големи подобрувања во областа за започнување бизнис, регистрација на сопственост и плаќање даноци. Во текот на оваа година од Светска банка регистрираа и дополнителни промени поврзани со аспекти на решавањето на солвентноста и некои други области што ќе бидат дел од извештајот што треба да се објави во октомври оваа година.