Британскиот министер за финансии Филип Хамонд изјави дека домашната економија ќе се соочува со „турбуленции“ во следните две години, додека трае периодот на фискалната неизвесност.
Станува збор зе времето додека ќе се одвиваат преговорите за раздружување на Британија и ЕУ, откако владата во Лондон ќе го покрене членот 50 од Лисабонската спогодба, за напуштање на Унијата.
Засега не се знае како тие ќе течат, откако од премиерот Тереза Меј, од владата и од високи функционери на владеачката Конзервативна партија, стигнуваат разни и често спротивставени позиции за тоа какви треба да бидат преговорите со ЕУ.
Првичните заложби на ториевските евроскептици, за „уредено и мирно“ разделување на Лондон и Брисел, сега претворија во навестувања за „бескомпромисна битка“, во која Британија не смее да попушти пред европските прописи за слободно движење на работната сила, што Британците од неодамна го квалификуваат како миграција од ЕУ, за сметка на слободниот пристап на заедничкиот пазар на Унијата.
Таквата позиција не ја одобруваат сите министри во владата, а посебно е критикувана од бизнисот и од финансискиот центар Сити.
Хамонд сега предупредува дека ништо нема да биде лесно и дека домашната економија, а и лугето со неа, ќе мора да бидат подготвени за „падови и сопнување„ како и за потреси кои ќе се чувствуваат.
Тој сепак заговара нова владина политика кон јавните долгови и за прв пат од 2010 година и првиот мандат на конзервативците, еден министер за финансии зборува за зголемено трошење.
Наспроти тврдата политика на неговиот претходник Џорџ Озборн, кој инсистираше на намалување на буџетската потрошувачка, Хамнод најавува зголемување на буџетските средства за домувањето, здравствто, затворскиот систем, транспортот и за развој на регионите.
Ваквата определба се верува дека треба да биде во функција на леснување на состојбите што се очекуваат во годините додека Британија и формално, не излезе од ЕУ.