На електронската аукција за продажба на градежна парцела наменета за семејно домување во населбата „Караорман“ во Гевгелија закажана денеска, за само 15 минути продаден е плац од 635 м/2.
Според новите правила за електронска аукција што ги пропиша Општина Гевгелиј,а која го доби правото да стопанисува со градежното земјиште во државна сопственост, понудувачите можеа да ја зголемуваат првичната откупна цена од 61 денар за м/2 со 10 нови денари по м/2. Тоа и се случи: со само една понуда за зголемување на откупната цена од 61 на 71 денар по м/2 продадена е парцелата на засега непознат купувач, со време на завршување на лицитацијата во 11:15 минути.
Со оглед на тоа што за секоја нова понуда требаше да изминат две минути, и ако нема нова повисока понуда во следните две минути, според објавата за електронска аукција, таа требаше да заврши во првите четири минути од спроведената постапка за лицитација.
Што правеа лицитаторите преостанатите 11 минути, освен што не даваа понуди, може само да се претпостави: го чекаа официјалното завршување на постапката за лицитирање со изведена најмала можна откупна цена. Зошто Комисијата за спроведување на електронската лицитација ја дозволува ваквата „онлајн-седенка“ на заинтересираните купувачи без нови понуди, очигледно со договорени настапи на лицитаторите за да нема билдање на цените, допрва треба да биде одговорено. Денеска само објавија дека немаат дополнителни податоци.
Новиот сопственик за целиот плац ќе треба да плати 45.085 денари, што е еднакво на 733 евра.
Тој има рок да прибави одобрение за градење во следните девет месеци, со катност сутерен, приземје и еден кат и висина на венец од 8,2 метри. Рокот на изградба на објектот е 72 месеци.
Општина Гевгелија со добивањето на надлежноста да стопанисува со државно земјиште досега има продадено 11 парцели за семејно домување, две големи парцели за изградба на хотел и трговски центар, а девет барања за продажба се завршени по пат на непосредно спогодување, се вели во извештајот на градоначалникот за 2012 година.
А.Д.