Два денара поддршка за лозарите, ќе се интервенира не само кај две, туку кај четири сорти грозје

Од:

Двојно поголема дополнителна поддршка и не само за две, туку за четири сорти грозје, ќе добијат наскоро лозарите. Како што најави денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски, на лозарите ќе им бидат префрлени по два денара за килограм грозје, а не по еден денар како лани. Притоа, освен кај смедеревка и вранец ќе се интервенира и кај кратошија и станушина.

Како што рече Димковски, одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на договорите за подршка на деветте локални акциски групи., веќе следната недела се очекува ваквата одлука да биде ставена на владина седница и потоа, најбрзо што може, да биде и конкретно реализирана.

-Бербата заврши и веќе направивме анализи. Барањето беше за цела откупена количина да се оди со дополнителна мерка. Но, ние ќе интервенираме кај сортите чија цена се движеше од 10 – 12 денари. Оценивме дека на таа листа, во таа категорија со пониска цена на пазарот, покрај смедервка и вранец кои лани беа поддржани со еден денар, се и кратошија и станушина, рече Димковски.

Министерството на лозарите им ги дало сите анализи и оставило на нив да одлучат како сакаат да ја добијат поддршката, на хектар или по килограм.

-Последното што стигна од лозарите беше да одиме по килограм. Тоа ќе го прифатиме и се надевам дека дополнителните два денара ќе ги добијат многу брзо. Ако административно ги подготвиме материјалите, веќе во вторник на Влада ќе бидат разгледани и ќе излеземе со конкретен предлог, истакна Димковски.

Во врска со распределувањето на дел од вработените во Шумската полиција, министерот е дециден дека тоа се прави со цел поефикасно работење и во ниту еден случај не е политички моптивиран процес. Не е точно, посочи Димковски, дека се работи за повеќе од 70 вработени кои беа прераспределени, туку за 35.

-Според Законот, распределувањето може да биде во рамки на 50 километри оддалеченост од местото на живеење. За мене сите врабоптеи во Шумската полиција се исти. Намерата на она што го направивме е да бидеме максимално ефикасни и да ги заштитиме шумите од дивата сеча. Очекувам да видиме резултати, нагласи министерот.

Во врска, пак, со протестот на земјоделци кон крајот на октомври пред Владата, уште еднаш оцени дека бил политички и дека досега до Министерството се уште не е стигнато ниту едно барање.

-Би рекол дека не беа фер зашто цело време имавме разговори со нив. Протестирате ако некој ве игнорира, ако некој не сака да разговара. Им беше кажано кога ќе ги добијат субвебциите. Во јуни, јули разговаравме со нив и им кажувавме кога што ќе се случи. И тоа се случи. Со ребалансот, првата недела кога стана оперативен, се вршат исплати. Вкупната сума е околу 900 милиони денари која треба да се реализира во целост до 25 декември, објасни министерот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата