Германската компанија „Дрекслмаер” која има фабрика надвор од Кавадарци, денеска отвори Инфо центар во кавадаречкото централно градско подрачје.
Во обраќањето пред присутните, генералниот директор на компанијата во Македонија, Лукас Мирингер рече дека овој ден е од големо значење за нив.
– Со оваа канцеларија со информации за регрутација на нови работници, фабриката е присутна во срцето на градот и поблиску до сите, нагласи тој, додавајќи дека со канцеларијата не само што подобро се претставуваат, туку поставуваат и нови стандарди во работењето.
Се заблагодари на локалната самоуправа и агенциите за вработување, за успешната соработка и изрази надеж дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев го поздрави отворањето на инфо центарот, кој, како што рече, ќе ја доближи фабриката до сите кои имаат потреба од тоа.
Во моментов во фабриката има преку шест илјади вработени од повеќе општини, но најмногу од Кавадарци. Мирингер рече дека планираат овде да останат долгорочно и да регрутираат нови работници во сите структури, па и во раководните.