Со Програмата за рурален развој во сите региони во Македонија ќе бидат издвоени значителни средства во системите за наводнување, со што ќе се намалат проблемите во земјоделско производство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој денеска во придружба на директорот на АД за Водостопанство на Македонија, Илими Селами присуствуваше на свеченото започнување на наводнителната сезона во Кочанско, рече дека се обезбедени пари за инвестиции во хидросистемите и дека во нив ќе се вложува континуирано.
– Секоја година ќе одделуваме по 10 милиони евра за реконструкција, но и за изградба на нови системи за наводнување. Во оваа прва година, издвоивме 11 милиони евра што се дел од Програмата и ќе бидат капитални инвестиции во наводнувањето. Ако сакаме да имаме модерно, конкурентно и иновативно земјоделство кон кое на долг рок се стремиме, водоснабдувањето е основата на која треба да се фокусираме, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Николовски додаде дека и годинава ќе продолжи инвестирањето во изградба на акумулации, како дел од системите за наводнување.
– Годинава продолжуваме со изградба на браната Конско кај Гевгелија, проект од околу 40 милиони евра. Следниот месец ќе биде распишан меѓународен тендер за системот на наводнување на јужен Вардар, за кој на крајот од минатата година добивме германски грант од четири милиони евра. Во овој регион ќе ја завршиме постапката од втората фаза за наводнување од хидросистемот „Злетовица“, за што во финална фаза е тендерската документација. Со УЕ потпишавме договор за реализација на 10 системи за наводнување, од кои три, во Славишко Поле, во Струмичко и во Кичевско започнуваат со изградба оваа година. Во завршна фаза е документацијата за Слупчанска Река и добивањето градежни дозволи за системот Равен – Речица во Гостиварско.
Министерот Николовски изрази задоволство што од денеска со официјалното пуштање на водата од хидросистемот „Брегалница“, годинава навреме започнува наводнителната сезона за производство на ориз во кочанскиот регион.