Чешка е една од 16-те земји на ЕУ кои не го поддржуваат воведувањето на новиот данок на финансиски трансакции (ДФТ), што предвидува оданочување од 0,1 отсто на трговијата со акции и 0,01 отсто на трговијата со финансиските деривати.
– Многу земји сметаат дека данокот за финансиските трансакции е мерка што оди против економскиот раст. И апсолутно е апсурдно да се мисли дека е можно воведување на тој данок во ЕУ. Тоа едноставно не е можно. Потоа, сепак е исклучително важно да се знаат сите информации за тоа какво влијание тоа ќе има врз единствениот европски пазар.
Ова го изјави чешкиот министер за финансии Мирослав Калоусек, образложувајќи зошто Чешка се воздржа од гласање за иницијативата, јави допианикот на МИА од Прага.
Велика Британија остро се спротивстави на усвојувањето на ваквата иницијатива, но не застана на патот на воведувањето на ДФТ, што првично го предложија Франција и Германија, а на кој потоа им се приклучија и Австрија, Белгија, Грција, Португалија и Словенија, а по нив и Италија, Шпанија, Словачка и Естонија.
– Има земји кои данокот нема да го воведат никогаш. Чешката Република јасно кажа дека ДФТ го смета за противрастечки импулс, како алатка која ќа ја кочи економијата, кој ќе влијае на цената на производите, на крајните потрошувачи и на оние кои сакаат да инвестираат, додаде Калоусек.
Останува на Европската комисија да го изработи предлогот во врска со ДФТ кој подоцна ќе се разгледува од министрите за финансии и Европскиот парламент, како и да се дореши прашањето каде ќе одат средствата добиени од данокот.
Чешка е заинтересирана и во врска со влијанието на воведувањето на данокот на останатите земји кои нема да го прифатат.