Поттикнување на соработката меѓу деловните заедници од двете земји со цел интензивирање на трговската размена и создавање бизнис партнерства со кои македонските фирми би влегле во синџирите за набавки на мултинационалните компании и би ја подигнале својата конкурентност и обем на производство, беше една од темите за кои денеска разговараа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и чешкиот амбасадор Мирослав Томан.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на Битиќи, беше оценето дека постои голем потнцијал, но и големо поле на можности за унапредување на економската соработка, а земјоделството, железничката и гасоводната инфраструктура, управувањето со водните потенцијали, заштитата на животната средина и енергетиката беа посочени како сектори за кои подетално би се дискутирало на наредната седница на мешовитата комисија помеѓу Република Северна Македонија и Чешката Република.
-Битиќи и Томан разговараа за продолжување на континуитетот на успешната економска и политичка соработка меѓу двете земји и за можностите за продлабочување на соработката меѓу македонските и чешките компании. Вицепремиерот Битиќи потенцираше дека поддршката од Чешката Република и другите земји членки на Европската Унија е многу важна за европските аспирации на Северна Македонија и дека посветено ќе работи соработката помеѓу двете земји да се унапредува постојано. Тој нагласи дека нашата земја треба да ги користи искуствата на земјите членки од ЕУ, за спроведување на потребните реформи за членство во Унијата и креирање на подобри услови за живот на граѓаните, стои во соопштенито.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Томан се согласија дека многу од активностите кои се планираат во наредниот период зависат од развојот на здравствената и социо-економската криза предизвикана од коронавирусот, сепак ќе го вложат својот максимум економската соработка постојано да бележи позитивен тренд.