Зајакнување на соработката помеѓу Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Министерството за економија, во делот на креирање на мерки и политики за подобрување на условите за работа на компаниите, беше целта на денешната работна средба на министерот за економија Крешник Бектеши со претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа, потпретседателите Арсим Папранику, Ејуп Абдулаи и членот на комората, Ќаније Селими.
За таа цел, информираат од кабинетот на Бектеши, Стопанската комора на Северозападна Македонија назначи еден од своите членови кој ќе биде директен линк помеѓу комората и Министерството за економија во делот на креирање на мерки за поддршка на бизнисот.
Министерот Бектеши на претставниците на компаниите членки на Комората им го презентираше четвртиот сет на мерки на Владата, посебно во делот на мерките кои што се спроведуваат од страна на Министерството за економија.
-Една од мерките во четвртиот сет, како одговор на долгогодишните барања на бизнисот е намалување е парафискалните давачки, кои бизнис секторот ги посоочува како еден од клучните фактори за подобрување на конкурентноста, кажа министерот Бектеши и посочи дека во тек е формирање на мултиинституционална работна група која во наредните неколку месеци ќе работи на утврдување на оние услуги кои имаат карактер на парафискални давачки, кои би можеле да се намалат и да се скратат.
Нашата цел, додаде Бектеши, е да се намалат колку што можат административните обврски и трошоците на бизнисот.
На средбата се дискутираше и за идните предизвици и мерки за олеснување на условите за работа на бизнисот, посебно во услови на пандемија, а се најави и скорешно потпишување на меморандиум за соработка меѓу двете институции.