Индиската компанија „Сахара груп“ на милијардерот Субрата Рој го објави инвестицискиот план за Агрокомбинатот „Џумајлија“, каде за три години планира да вложи 300 милиони евра.
На прес-конференција во присуство на премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, Рој информираше дека е доставена банкарската гаранција со која 100 процентно ја потврдува инвестицијата.
Во првите 18 месеци индискиот инвеститор најавува отворање нови 900 работни места, а за 3 години 2.000. За година и половина планира да набави 8.000 крави, а за три години 20.000.
Од вкупниот износ на инвестицијата за 18 месеци компанијата е обврзана да вложи 60 милиони евра. Индискиот инвеститор најави и дека ќе отвори најсовремена млекарница. На површината на „Џумајлија“ во првите три години треба да бидат произведени 75.000 тони сточна храна.
Министерот Димовски потврди дека е доставена банкарската гаранција која треба да обезбеди почеток на инвестицијата.
Интересот на државата од инвестицијата, според Димовски, е пред се во отворање нови работни места и развој на земјоделството, особено во сточарството. Остануваме отворени за секаква соработка и помош за реализирање на оваа инвестиција, истакна Димовски.