Со вечерашната изведба на претставата „Браќа Карамазови“ во продукција на театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник се спушта завесата на годинешното, 53-то по ред издание на нашата најголема музичко сценска манифестација – Фестивалот „Охридско лето 2013“.
Во текот на изминатите 40 дена вљубениците во класичната музика и театарот во Охрид можеа да уживаат во 30 настапи на големи, светски имиња на музичката сцена, како и во десет театарски претстави, од кои шест премиери.
Директорот на НУ „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска ја искористи денешната прес-конференција за да изрази благодарност до сите уметници и менаџменти за извонредните изведби, до селекторите кои покажаа како се прави фестивалска програма, до целиот тим на фестивалот за беспрекорната организација и реализација, преку медиумите за поддршката во текот на целиот тој процес, се до најважниот сегмент – самата фестивалска публика.
– На сцените во црквата „Света Софија“, на Античкиот театар, Предворјето на „Света Софија“, дворот на училиштето „Св.Климент“, Куќата на Уранија, Предворјето на хотелот „Палас“ настапија 770 уметници од 23 земји. Секој настан беше посетен до последното место и се бараше билет повеќе, над 25 илјади посетители ќе запише ова фестивалско издание, истакна Јанкуловска.
Селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски од своја страна изрази задоволство од неговиот сегмент на фестивалска програма, од енергијата што со својата оригиналност и специфичност ја испратиле театарските претстави до публиката.
– На различните театарски сцени бликаше возбуда, имагинација, колективен дух, индивидуални актерски бравури и оригинални режисерски концепции. Ставајќи го акцентот на премиерната изведба на најголемиот дел од репертоарот „Охридско лето“, фестивалот ја помага македонската продукција во промовирање на најновата театарска естетика која од следната сезона треба да се лансира на светските театарски сцени и фестивали. Во тие рамки ја препознавме силината на продукциите и нивната сериозност, големиот бран на новата актерска и режисерска сила која во следните децении ќе доминира на театарските штици како и потребата да се освојат срцата и да се оплемени духот на веќе профилираната театарска публика која будно и внимателно го следи развојот на фестивалот и театарската уметност воопшто, истакна Јолевски.
Неговата колешка задолжена за музичкиот дел од програмата, Гордана Јосифовска – Неделкова, истакна дека од изминатите 40 дена, според искажаното од стручната критика, но и многубројната публика, може да се заклучи дека е реализирано уште едно, успешно, квалитетно и богато фестивалско издание.
– Концертните простори и театарски сцени секоја вечер исполнети до последно место. Согласно концептот, понудивме 40 дена квалитетна програма која го побуди интересот и привлече вниманието на пошироката публика. Секој концерт завршуваше со бурни аплаузи и стоечки овации, на што уметниците возвраќаа со неколку бисови. Импресивно беше да се слушаат убавите зборови и благодарноста на публиката за она што им беше понудено како уметничко доживување. Особено горди сме на најласкавите зборови на благодарност искажани од страна на самите уметници кои настапуваа тука, за се она што го доживеале во Охрид, со желби повторно некогаш да бидат дел од магијата наречена „Охридско лето“, истакна Јосифовска – Неделкова.
Годинешното фестивалско издание понуди квалитетна, атрактивна програма со настапи на познати, но и млади уметници од светската музичка и театарска сцена. Запаметени ќе бидат концертите на маестро Дмитриј Хворостовски, пијано-дуото Корољеви, светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, неповторливото виолинистичко име Немања Радуловиќ, виртуозот на хармоника Ришар Галиано, светски признатиот Роби Лакатош, квартетот „Бонд“, хорот „Вива Вокс“…Исклучително богата беше и театарската програма, со десет претстави од кои дури шест премиери, што е реткост што може да си ја дозволи само фестивал со високо реноме каков што е „Охридско лето“.