Во Валандово денеска ќе се одржи завршна конференција на проектот „Свеста за своето Валандово 2020“, што го спроведуваше Институтoт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје, со цел развивање на свеста кај младите, наставниците и локалното население за културното наследство и традицијата на Општина Валандово.
Проектот „Иднината на Валандово – младите ја развиваат свеста и љубовта кон сопствената култура, наследство,традиција и богатство – Свеста за своето Валандово II“ е поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија, во соработка со Општина Валандово и е од национален интерес за културата во 2020 година, соопштија организаторите.
– Валандово и валандовско изобилуваат со историски и археолошки локалитети што се дел од културното наследство на нашата држава. Еден од најпознатите локалитети во тоа подрачје е Исар Марвинци, локалитет од коjшто се исцрпени голем број на артефакти и експонати, кои денес сочинуваат 70 отсто од поставката во новиот Археолошки музеј на Македонија. Бидејќи станува збор за исклучително значајни локалитети кои се доказ и показ за нашето постоење, потребно е истите да се афирмираат, и посебно кај најмладите, преку посета и запознавање со истите да се развие свеста и љубовта за сопственото културно наследство, велат од Институтот ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ.
Оттаму посочуваат дека целта на проектот е преку посета на локалитетите од страна на младите но и на наставниот кадар од Општина на Валандово, како и посетата на музеи во Скопје, да се согледаат сите експонати и артефакти, како и спецификите на самите локалитети, со цел да се увиди нивната вредност и да се добијат дополнителни сознанија за нивното значење, а со самото тоа и иницирање на желбата на младите да се осознае повеќе за сопственото културно богатство.