Под наслов „Џифони патува“ изминативе два дена во салата „Бели мугри“ во Велес се одржа Патувачкиот филмски фестивал за млади, кој го организира Здружението Планет-М и под покровителство на фестивалот Giffoni Experience од Италија и Агенцијата за филм на Република Македонија, во партнерска соработка со Општината Велес.
Во рамките на програмата која беше наменета за најмладите ученици на возраст од 13 до 18 години се одржаа проекции на кратки видеа за фестивалот и играни филмови на различни теми. Потоа учениците дебатираа и разменија мислења и даваа свои примери за решавање на дадени проблеми какошто е насилството меѓу младите и слично.
Тие во изминатите два дена имаа можност да бидат и дел од различни креативни работилници,а посебен интерес кај младите имаше за работилницата за изработка на фотографија која ја водеше Роберт Јанкуловски професор по фотографија од ЕСРА унверзитетот.
Инаку фестивалот „Џифони“ во Италија се одржува 48 години, во Македонија десетина години, од кои во изминатите три Фестивалот Џифони Македонија стана и патувачки со посета на градовите во земјава,а за годинава првпат е во Велес.
Како што изјави за МИА Дарко Башески извршен директор на фестивалот, со оваа посета низ градовите во земјава се приближува и идејата на Џифони,да им се понуди една културна содржина на младите и воедно и едно неформално образование, но и да изберат своја идна професија и своја иднина.
– Начинот на кој работи фестивалот е да се поттикне генерацијата којашто сака да оди напред а се насочи кон вистинскиот пат да не се плаши да го добие тоа што навистина го сака како своја иднина,Воедно имаме размислување понатаму проектот да го прошириме како на младите да им се помогне по основното и средно образование да продолжат и понатаму на факултет и да добијат меѓународни стипендии од оваа област. Во Македонија има многу млади таленти,но само треба да се охрабрат, потенцира Башески.