Континуирано продлабочување на македонско-хрватските книжевни, културни и јазични врски во доменот на повеќе научни области и дисциплини е основната цел на веќе традиционалниот меѓународен научен собир Македонско-хрватски книжевни, културни и јазични врски, што по четврти пат во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од задутре ќе се одржува во Охрид.
Научниот собир се реализира во соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека, со кој Институтот остварува долгогодишна интензивна и успешна соработка.
На годинешниот собир ќе се вклучат и поголем број професори и истражувачи од Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осијек, особено од Одделот за културологија, со кој Институтот во јуни оваа година склучи договор за соработка во подрачјето на науката и високото образование.
Пријавени се и учесници од сродните факултети и истражувачки институти во Загреб, Пула, Задар и други научни центри во Хрватска. Од Македонија, има пријавено учесници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – научните институти за литература, јазик, фолкор, национална историја, Филолошкиот и Филозофскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, како и учесници од државните универзитети во Штип и Тетово.
Во рамки на собирот ќе се одржат неколку пленарни сесии со излагања на познати научни дејци и професори, а ќе бидат промовирани и повеќе изданија објавени меѓу двата последни собири – „Македонскиот 19-ти век“ од Горан Калоѓера, „Политика Култура Идентитет“ од Златко Крамариќ и Ангелина Бановиќ-Марковска, „Егзил у македонској кнјизевности “ од Борјана Прошев-Оливер, зборникот „Прв, втор, друг јазик: хрватско-македонски споредби“ и двата последни броја на меѓународното списание „Контекст“ што го издава Институтот за македонска литература.