Од денеска до сабота во македонскиот Културно-информативен центар во Белград ќе се одржи литературната манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2025“.
Воведно обраќање попладнево во 18 часот ќе имаат: директорот на македонскиот КИЦ во Белград, проф. д-р Васко Шутаров и програмскиот уредник на проектот м-р Ели Маказлиева.
На манифестацијата ќе има презенатција за значењето на литературата за деца како предизвик и императив, а ќе бидат претставени неколку автори-писатели за деца и ќе бидат промовирани нивните најнови книги во издание на носителот на проектот и организаторот – издавачката куќа ЕДУКА МАК.
Книгата за деца „Пчеличката Баз“ избрана на конкурсот за наградата „Литературни пишувалки – патувалки 2025“ ќе биде промовирана од страна на претседателката на жири комисијата проф. д-р Елизабета Бандиловска, а на авторката Билјана Лотеска ќе ѝ биде врачена плакета.
На сите учесници и соработници во проектот ќе им бидат доделени признанија и благодарници. Носителот на проектот и организатор ЕДУКА МАК на манифестацијата ќе подари 100 книги на македонскиот КИЦ во Белград.
Програмата за оваа манифестација е богата со настани и програмски активности што ќе се реализираат и во текот на наредните два дена на 24 и 25.10.2025.
Меѓу другото учесниците ќе ја посетат предучилишната установа „Савски Венац“ – градинката „Царица Милица“, ќе разменат искуства за користење на литературата за деца, ќе промовираат изданија за предучилишна возраст, ќе доделат подароци со национални обележја, книги за децата и ќе реализираат работилници, промоции и презентации.
Учесниците ќе разменат искуства и ќе остварат средби со писатели од Србија и српски издавачки куќи на Меѓународниот саем на книгата во Белград в сабота каде ќе реализираат меѓусебни договори за размена и превод на книги за деца.
Преку проектот„ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА 2025“ во КИЦ на РСМ во БЕЛГРАД се афирмира домашното литературно творештво и се придонесува за збогатување на културната размена помеѓу Македонија и Србија. За таа цел планирано е да се потпише меморандум за меѓусебна соработка помеѓу „ЕДУКА МАК“ и српската издавачка куќа „ПЧЕЛИЦА“со цел размена на права и лиценци за превод на книги за деца од македонски на српски јазик и обратно.
Проектот е поддржан од македонското Министерството за култура и туризам.