Во Битола почнува фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“

Од:

Со фолклорно дефиле по Широк сокак и со орото „Комитско“ на Хераклеја Линкестис, вечер во Битола почнува 51. издание на републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Првата фестивалска вечер ќе биде отворена со настап на КУД „Илинден“-Битола, ансамбл „Танец“-Скопје и ансамблот на народни песни и игри „Ладо“ од Загреб, а во петте фестивалски вечери со избрани содржини ќе се претстават уметнички друштва и фолклрони групи од Америка, Русија, Хрватска, Албанија, Србија, Грција и Северна Македонија.

-„Илинденски денов“ е повеќе од фестивал, тој е една крстосница во која младоста се огледува на мудроста, во која светот се прелева низ игра и песна и сите сме различни, а исти бидејќи се радуваме и го славиме животот со музика. А, за музиката велат дека е универзален јазик на човештвото и затоа на нашиот фестивал ќе зборуваме на еден јазик, пеејќи и танцувајќи. За жал, пандемијата силно ги погоди фолклорните ансамбли низ целиот свет, но како феникс Фестивалот во Битола повторно се издигнува и оваа година широко ги отвора вратите за гостите од државата и странство, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура, домаќин и организатор на фестивалот.

Првото издание на републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ се одржа во 1971 година во Битола, а со цел, како што посочуваат организаторите, да се промовира и афирмира духовното и материјалното културно наследство претставено преку традиционалната музика, игри и песни, обичаи, обреди, носија, инструменти, ракотворби и други содржини.

Фестивалот „Илинденски денови“ е единствен од земјава што поседува сертификат и е член на Меѓународната асоцијација на фолклорни фестивал ЦИОФФ која дејствува во рамките на УНЕСКО, споделувајќи вредности на полето на културата со фокус на изворниот и традиционален фолклор.

-Годинава првпат во земјава, и во Битола ќе престојува Филип Бусон, претседател на ЦИОФФ, а тоа за Фестивалот е големо признание. Високиот гостин ќе дознае зошто овој фестивал едуцира и продуцира, зошто припаѓа на сите генерации на сцената и пред сцената, и зошто ЦИОФФ ни го дале сертификатот да бидеме членови на семејството светски познати и признати фолклорни фестивали. Присуството на Бусон е многустрано позитивно и затоа подготвивме посебна програма, дружење со уметниците, но и средби со министерката за култура и градоначалничката кои ќе се реализираат за време на неговиот престој, изјави Андоновска Илијевски.

Придружната програма на фестивалот „Илинденски денови“ почна на 20 јули, а свеченото затворање и доделување награди на најдобрите ќе се одржат на 30 јули во Битола.

Би можело да ве интересира

Ансамбли од Мексико, Ирска, Италија и Хрватска на „Илиденски денови“ во Битола

Отворен фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“

Ана Ололовска

Заврши јубилејното 50. издание на фестивалот „Илинденски денови“

Ана Ололовска

Вечер во Битола завршува фестивалот „Илинденски денови“

Ана Ололовска

Прво онлајн издание на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола

Ана Ололовска

Вечер во Битола завршува фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

Ана Ололовска