Јубилејното издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ продолжи со изложба на фотографии „50 години традиција“ која синоќа беше отворена во НУ Центар за култура-Битола.
Публиката може да види 50 ретки фотографии кои се чуваат во документацискиот центар на таа национална установа и ги илустрираат почетоците на фестивалот од 1971 година до денес, фестивалски плакат и друг материјал од богатата фото архива.
-Традицијата е за да се негува, да не надживува и да не надрастува, а „Илинденски денови“ се традиција на Битола… што би била Битола ако не е побогата за фестивал запишан во дамарите на битолчани. Фестивалот „Илинденски денови“ е повеќе од тапани, зурли, играорци. Фестивалот „Илинденски денови“ е печат, заштитен знак со кој израснале генерации, истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
Изложбата ја претстави м-р Валентин Соклевски, етнолог и координатор на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
-Овој фестивал е организам кој живее затоа што има срце, а срцето на овој фестивал се илјадници играорци, инструменталисти, пејачи, организатори, членови на друштва, стручни лица, истражувачи и други кои во овие 50 години учествувале на Фестивалот во Битола. Ова срце чука заедно со над 2,8 милиони посетители гледачи на овој фестивал, а сведоштво за тоа се поставените фотографии и плакат на изложбата „50 години традиција“, истакна Соклевски.
Според Соклевски изработката на една фотографија од фотографот е мајсторство за цела инспирација и емоции кои биле прикажувани на фестивалската сцена, а пред и зад сцената во Битола престојувале, биле познати фотографери уметници чии фотографии се дигитализирани.
-За да се научи едно оро, една песна…треба желба, време, срце и љубов. За да се создаде, зачува и надгради еден фестивал, требаат многу луѓе со големо срце и љубов кон орото и песната од родната грутка. Фестивалот „Илинденски денови“ е чедо на таквите луѓе, играорци, гајдаџии, зурлаџии, пејачи, стручни лица, публика…, рече меѓудругото Соклевски на синоќешното отворање на изложбата „50 години традиција“.
Во рамки на фестивалот вечер во битолскиот културен центар „Магаза“ ќе биде отворена изложба со наслов „1000 години Бигорски манастир“.