По вчерашниот целовечерен концерт на „Танец“ пред исполнетиот Антички театар, музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот настап на познатиот ерменски виолончелист Нарек Хахназарјан и пијанистката Оксана Шевченко од Казахстан.
Според музичкиот селектор на програмата на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, фестивалската публика има неповторлива можност да чуе музичар од помладата генерација, за кого критиката вели дека поседува „извонредна комбинација на техника и музикалност“.
Хахназарјан и Шевченко веќе подолго време настапуваат заедно. Во 2011 година постигнале голем успех на натпреварот „Чајковски“ во Москва, каде Хахназарјан освоил прва награда и златен медал, а Шевченко се стекнала со наградата за најдобар пијано-соработник. И двајцата имаат активна изведувачка дејност. Настапувале со некои од најпознатите оркестри во светот и соработувале со голем број реномирани изведувачи и диригенти.
На репертоарот на овие двајца исклучителни изведувачи се дела од Лудвиг ван Бетовен, Роберт Шуман, Петар Илич Чајковски, Дмитриј Шостакович, Сергеј Рахмањинов и Мстислав Ростропович.
Концертот е во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.