Со настап на авангардниот, неповторлив Кимо Похјонен од Финска и на ансамблот Тори од Кореја во МОБ, вечер завршува 12. ОФФест.
Концертите и звукот на Похјонен, познат по својата бескомпромисна моќ и оригиналност, се сметаат за револуционерни. Од 1996 година тој се фокусира на својот соло проект со екстремни и оригинални композиции, миди-електрична хармоника изработена по негова мерка, семплови во живо и ефекти, динамична сценска изведба, специјално осветлување и „сараунд“.
Дизајнот на светлото и звукот се клучни елементи во неговиот перформанс. За првиот соло албум „Киело” во 1999 година Похјонен доби брилијантни критики. Оваа година се очекува да излезе неговиот нов соло албум.
Четворицата корејски музичари кои настапуват под името Тори Енсембле, но и како Тори Пројецт, вклучувајќи уште тројца американски фри-џез артисти, на публиката ќе и овозможат уживање во традиционални песни и импровизации, во старо-нова музика од далечните предели.
Синоќа концерти одржаа експлозивните Ондатропика и моќната, хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и Университѕ оф Гнања, завчера настапи словенечкиот состав „Брина“, а во неделата се претставија турското Таксим трио и проектот „Биоскопиа“ на Елена Христова и Горан Трајкоски.
ОФФест почна во саботата, на 1 јуни. Го отвори индиската ситаристка Анушка Шанкар со проектот „Травеллер” во чие создавање учествуваа индиски и фламенко музичари. „Травеллер” на Шанкар и ја донесе титулата Најдобар музичар од магазинот „Сонглајнс“, како и номинацијата за наградата Греми во категоријата Најдобар њорлд мусиц албум.