Предлог-буџетот за култура за идната година е во висина од 3,1 милјарда денари од кои 92 отсто се предвидени за менаџирање на културата, а 8 отсто за административни трошоци во ресорното министерство. Министерот за култура, Асаф Адеми, најавува распределба на средствата во интерес на потребите за култура на сите граѓани и потенцираше дека нема да има толеранција за злоупотреби, а расходите ќе бидат транспарентно објавени. Драстично зголемување на средства се предвидели за капитални инвестиции за единиците на локална самоуправа и оваа ставка изнесува 125 милиони денари, што е за 12 пати повеќе од лани кога за оваа намена биле издвоени 10 милиони денари.
„Предлог-буџетот е креиран во насока да биде во интерес на сите граѓани и да ги зајакне културните активности. Сметаме дека треба да се обрне поголемо внимание за зајакнување на капацитетите и инфраструктурата во културните институции во целата земја и затоа годинава одвојуваме повеќе средства за најразлични реконструкции и изградба на објекти од културата низ градовите. Со траспарентна постапка планираме да направиме реконструкција на театрите во Гостивар, Куманово, Кочани, Прилеп, Струмица и да го завршиме албанскиот театар во Скопје и театарот и библиотеката во Тетово. Ќе ги поддржиме и сите иницијативи за културни проекти што ги промовираат европските вредности како дел од проектот ‘Млади Европејци’, за што се предвидени 10 милиони денари“, рече Адеми.
За албанскиот театар во Скопје се предвидени 50 милиони денари, додека за театарот и библиотеката во Тетово 50 милиони денари. За филмски проекти, односно за Агенцијата за филм се предвидени 170 милиони денари.
Меѓу значајните кадровски инвестиции беше потенцирано дека ќе има 80 нови вработувања во новоосновната културна институција „Ансамбл на албански народни песни и ора во Република Македонија“.
Расправата за предлог-буџетот ќе почне утре во собраниска комисија и ќе трае десетина дена.
Ана Василева