Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, вечерва, во 21 часот, со концертот на познатиот унгарски композитор, импровизатор и виртуоз на виолината Феликс Лајко, стартува годинeшното издание на „Оф-фест“.
Фестивалот ќе трае до 5 јуни и во петте фестивалски вечери ќе донесе музика од Етиопија, Португалија, Шпанија, Конго, Јужна Кореја, Унгарија, Словенија, Хрватска и Македонија.
Феликс Лајко пред македонската публика ќе настапи во тандем со неговиот колега и постојан соработник, виолинистот Антал Браснио. Роден во Србија, од унгарски родители, Лајко почнува да свири зитер на само десет години, виолина на 12, а за кратко време станува дете виртуоз и на двата инструмента.
Да сте сведоци на негов настап, значи да гледате како некој, носен од здивот на своите музички идеи, е способен да свири секаков стил, не подлегнувајќи на категоризација, со леснотија минувајќи низ музичките граници и страствено следејќи ја сопствената музичка експресија, вели критиката. Лајко настапувал со голем број реномирани групи и музичари.
„Музиката што ја создавам се базира врз деликатноста и шареноликоста на мојот инструмент. Јас само одам по сопствениот пат, импровизирајќи и компонирајќи“, ќе ја опише музиката којашто ја создава.
А.Б.