Во манастирскиот комплекс „Света Петка“ во охридското село Велгошти вечерва ќе се одржи манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“, што традиционално секоја година се организира во чест на Чинго, еден од најистакнатите прозаисти во современата македонска книжевност.
На манифестацијата, што се одржува во организација на Општина Охрид, ќе биде доделена и наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“ од годинашниот конкурс, на кој победи авторот Петре Димовски со неговиот расказ „Трансакција“.
Авторското остварување на Димовски, заедно со наградените раскази од претходните 24 конкурси, ќе биде објавено во посебна збирка што ќе биде испечатена наскоро.
За богатиот творечки опус на Живко Чинго ќе говори победникот на отворениот конкурс за најдобар расказ за 2013 година, што ќе биде новина на манифестацијата.
Ќе биде положено и цвеќе пред споменикот на Чинго, а настанот ќе биде збогатен со пригодна културно-уметничка програма.